Земјоделците со консолидација на земјиштето ја зголемуваат продуктивноста и стануваат поконкурентни, но битно е да се почне навреме, да се искористат понудените можности и средства посочија пред кумановските земјоделци, надлежните од Министерството за земјоделство и од ФАО од Обединетите Нации на денешната работилница која се одржа во Занаетчискиот Дом..
Работилницата е дел од годинашната кампања за консолидација, што ќе трае наредните два месеци, и има за цел да ги информира заинтересираните за консолидацијата која во Македонија се спроведува во рамки на проектот „Воведување на национална програма за консолидација на земјиште“ (МАИНЛАНД) , финансиран од ЕУ, а го спроведуваат ФАО и МЗШВ.
Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Љупчо Николовски рече дека ова тема е една од најзначајните и е опфатена во програмата на Владата и Стратегијата, посочувајќи дека и минатата година имало интерес за окрупнувањето на земјиштето.
-Консолидацијата овозможува групирање на парцелите, постигнување правилна форма, пристап до земјоделската инфраструктура, патиштата, нивите, системите за наводнување, многу аргументи-рече министерот.
Малите парцели им носат поголеми трошоци на земјоделците за транспорт, производство, неможност за примена на современи технологии, затоа е клучно да се консолидираат парцелите, образложи министерот и повика земјоделските стопанства да се вклучат во консолидацијата и да им се подобрат капацитетите и продуктивноста.
Со окрупнувањето се очекува да се зголеми производството и да се подобри земјоделската инфраструктура. Лани биле идентификувани дванаесет подрачја со највисок потенцијал за консолидација.
-За околу пет илјади хектари, 12.000 парцели во тек е изработка на физибилити студија, како основа за определување на идните консолидациски проекти, посочи министерот.
Тој информираше дека годинава ќе се изберат дванаесет нови подрачја за почнување на процесот. Во Кумановско, рече министерот има силни земјоделски заедници со потенцијал за развој и ќе се работи со земјоделците да работат на окрупнувањето, кое води кон модерно земјоделство. Николовски информираше дека од ЕУ за реализација на овој проект добиле поддршка од 2,5 милиони евра, а финансиски во проектот учествува и ФАО.
Тим лидер на проектот МАИНЛАНД и технички советник од ФАО, Вилма Даугалиене ги повика земјоделците да се охрабрат, меѓу првите да се приклучат, затоа што со тек на време како што покажало искуството од останатите европски држави, парите за оваа намена со годините се скратуваат.
-Во Република Северна Македонија има екстремна фрагментираност на земјоделското земјиште, односно фарми кои се со просечни површини од 1,62 хектари, што е голем предизвик за употреба на земјиштето. Со консолидацијата може да им се помогне токму на тие мали фарми кои ќе бидат поконкурентни на пазарот. Но, исто така има и други предизвици што се јавуваат во руралните средини, како на пример кога се реализираат голем број инфраструктурни проекти , патишта, автопатишта, железници, во ситуации кога тие пресекуваат низ земјоделско земјиште , консолидација може да помогне во подобра реализација на истата. И кога примената и реализацијата на инфраструктурните проекти ќе се синхронизира заедно со консолидација и двата процеси ќе бидат поевтини, и земјоделците ќе бидат позадоволни-рече Даугалиене.
Консолидацијата е долгорочна и во некои земји се спроведува и по 50 години.