Зградата на локалната самоуправа и две основни училишта во општина Чешиново-Облешево добија фотоволтаични панели за производство на електрична енергија, како дел од проектот на Министерството за финансии за подобрување на општинските услуги.
Средствата за набавка и инсталирање на панелите се обезбедени со грант од ИПА-компонентата на ЕУ во вкупна вредност од 15,5 милиони евра, како и владино кофинансирање со уште пет милиони евра. Парите се наменети за поставување системи за искористување на сончевата енергија кај јавни објекти во 35 општини од четири региони во државата.
– Се одлучивме системите за добивање струја од сончева енергија да бидат поставени на три јавни објекти, односно на општинската административна зграда, како и на основните училишта во селата Соколарци и Спанчево. Очекуваме да постигнеме значителни заштеди на трошоците за електрична енергија, но и да добиеме позитивни еколошки ефекти, со оглед што за затоплување на училишните објекти се користи огревно дрво, истакна Горанчо Крстев, градоначалник на Чешиново-Облешево.
Панелите се монтирани на кровните конструкции на трите јавни објекти, а според стручните проценки тие треба да донесат заштеда во потрошувачката на струја од постојниот систем за околу 50 отсто.
Од локалната самоуправа на Чешиново-Облешево најавија дека се подготвува план за понатамошно искористување на обновливите извори на енергија, при што приоритет има геотермалната вода од изворот кај село Бања.