Отворено писмо за кукавичкото бришење на придавката „Македонска“ од институциите

Драги браќа и сестри Македонци,

Никогаш порано како нација не сме биле толку потценувани и омаловажувани. Немакедонската Влада итајќи во ревносното исполнување на предавството, сака да не анестезира, да предизвика апатија и да не внесе во колективна депресија во која ќе изгубиме надеж дека може да си го вратиме она што е наше. Затоа брзаат. Сетете се, што се направија за еден кус период. Ги сменија имињата на автопатот и аеродромот и им дадоа на Грците ексклузивно право дека се единствени наследници на Александар Македонски, се согласија на заедничко чествување на Илинденското востание со Бугарија, се откажаа од Македонците во Егејска и Пиринска Македонија, прифатија дека Цар Самоил и свети браќа Кирил и Методиј не се Македонци туку космополити, го сменија името и идентитетот спротивно на волјата на сопствениот народ. Нивната стратегија е на ура да го спроведат тоа што го ветиле. Додека народот тагува за едно предавство, тие веднаш прават друго. Не случајно едно последно истражување објавено на „Факултети“ дава крајно застрашувачки податок дека 83,7% од граѓаните би се иселиле од Македонија кога би им се укажала шанса. Македонците не гледаат иднина во сопствената Татковина. Е токму тоа сакаат да го постигнат Заев, Димитров и Шекеринска. Да останат само тие и нивните поддржувачки чиј единствен сон е доживотно да останат на државни јасли. Јас со децении живеам на две адреси, во САД и Македонија. На професионален план успеав во најконкурентното општество на светот, но Ве уверувам ништо не ме прави посреќен и потажен од успесите или неуспесите на нашата заедничка Татковина. Душата и срцето ми се во Македонија. И затоа никогаш нема да се откажам. Се борам и ќе се борам со истата мотивација и желба за обединета и просперитетна Македонија.

Вчера, немакедонската Влада со менувањето на имињата на институциите го потврди она за што долг период предупредувавме. Дрска лага е дека изродите на Македонскиот народ со предавничките договори со Бугарија и Грција ја обезбедиле придавката Македонски. Нема повеќе Македонска Радио Телевизија, ќе била Национална телевизија. Најголем дел од Македонската историја, традиција, културно и јазично творештво е документирано во МРТВ. Македонскиот идентитет се гради, чува и брани токму од МРТВ. Што е следно, нема да смеат да се емитуваат емисиите за страдањата на бегалците од Егејска Македонија, вистината за фашистичката окупација од Бугарија за време на втората светска војна, снимките од референдумот од 1991 кога Македонскиот народ кој гласаше за независна и суверена Република Македонија, а не за Република Северна Македонија? Срам и арам да им е!

Не очајувајте. Не им ја исполнувајте желбата на душманите и предавниците! Тие копнеат да ја задушат чистата Македонска мисла. Сакаат по секоја цена да создадат нова лажна немакедонска меморија. Сакаат да се заборави за што Македонските херои ги положуваа своите животи. Храброста и херојствата на Македонските синови и ќерки ги потсетува на нивните предавства.

Најмакедонската телевизија ТВ СОНЦЕ ќе продолжи да се бори за зачувување на светото Македонско име и идентитет. Тоа е највисоката патриотска должност. На новите генерации да им се раскажува вистината за Македонија. Другите нека се плашат ние никогаш! ТВ СОНЦЕ ќе биде на страната на правдата и универзалните демократски вредности. Македонскиот народ ќе се избори да биде свој на своето. Никогаш не сме се предале, нема ни сега!

НАШАТА БОРБА ДОПРВА ПОЧНУВА!

НИКОГАШ СЕВЕРНА, МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА!

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *