Воведување на новата службена униформа за офицерите и подофицерите во АРМ, учество на меѓународни и домашни воени вежби, средби со началници и министри за одбрана, прослава на 25 години од приемот на првиот војник во нашата армија, учество и организација на А-5 состаноци на Јадранската повелба како и најавеното покачување на платите во Армијата,… ја одбележаа 2017 година која според меѓународните фактори е оценета како реформска во напорите за полноправно членство во НАТО.
На почетокот на пролетта, покрај успешната вежба на АРМ и МВР под инструкции на американските специјалци, армиските „Волци“ успешно ја презентираа својата обученост во Германија. По повеќе од осум години на 6 март во касарната „Гоце Делчев“ се оддржа првиот академски час на подофицерите и професионалните војници кандидати за произведување во офицери. Три дена подоцна беа примени нови 90 професионални војници во АРМ. Во седиштето на НАТО во Брисел се одржаа мултилатералните консултации „Процес за планирање и преглед“ (ПАРП) меѓу Република Македонија и Алијансата. Овој редовен брифинг е во поглед на реализацијата на партнерските цели на Македонија за идно членство во НАТО.
На 1 јуни дотогашниот министер за одбрана Зоран Јолевски и ја предаде функцијата на новата министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанкоска. Покрај повеќето оддржани средби со меѓународни претставници на министерско ниво, при крајот на месецот припадници на Армијата на Република Македонија од составот на Полкот за специјални операции учествуваа на меѓународна теренска вежба „Заеднички предизвик 2017“ што се одржа во планинскиот полигон за обука „Липово“ во Црна Гора.
Со поддршка на Командата на копнените сили на САД за Европа во јули АРМ беше дел од мултинационалната вежба „Saber Guardian 2017 која се одржа во Романија, Унгарија и Бугарија. Македонската армија беше претставувана од осум припадници на инжинерскиот баталјон, 40 припадници на баталјонот на Воената полиција, 14 припадници на баталјонот за Специјални намени, како и девет припадници на Балканските медицински наменски сили. При крајот на месецот АРМ и Вооружените сили на САД ја започнаа заедничката вежба на Криволак насловена „Dragoon Guardian 17“. Во шест конвои со по 20 борбени возила на граничниот премин „Деве Баир“ од Бугарија во Македонија влегоа 300 припадници на Вооружените сили на САД кои со инженерците на Армијата на Република Македонија учествуваа на заедничката вежба. На денот за високи гости на вежбата премиерот Зоран Заев рече дека македонските војници го отвораат патот на Македонија во НАТО. Истиот месец Министерството за одбрана ги обештети своите вработени кои беа погодени од минатогодишните поплави во Скопје
Во месецот кога АРМ одбележа 25 години од своето формирање, војската беше ангажирана од Владата во пожарите кои зафатија одредени делови од територијата на нашата земја.
Македонија членка на НАТО е заедничка цел. Ова во септември го нагласија министарката Шекеринска и командантот на Националната гарда на Вермонт генерал мајор Стивен Креј, кој беше во неколкудневна посета на Македонија. Министерката во изјава за медиуми рече дека Република Македонија смета на своите стратешки партнери особено во овие моменти кога работиме забрзано на нашата стратешка цел – членството во НАТО. При крајот на септември на Криволак се одржа меѓународната вежба „Здружена реакција – 17“ на која покрај припадници на АРМ од составот на баталјонот на воената полиција, учествуваа единици на воената полиција на армиите на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и од националните гарди на Вермонт и Минесота, САД. Веднаш по неа, над 1.700 војници и технички персонал учествуваа на вежбата „Македонски блесок-13“ која преставуваше извежбување и НАТО реоценување Ниво 2 на средната пешадиска батаљонска група (спбг) и ренџерската чета.
Есента беше мотив плус за припадниците на армијата кон несебичното залагање во реформскиот процес, а тоа беше најавата на министерката Шекеринска дека од 1 јануари 2018 година ќе добијат повисоки плати за десет отсто. Во средината на октомври војниците успешно ја реализираше вежбата „Предизвик 2017“ на Криволак на која учествуваа припадници од единиците за противвоздушна одбрана на АРМ и Вооружените сили (ВС) на Република Словенија. Истиот месец средната пешадиска баталјонска група и ренџерската чета ги примија НАТО сертификатите со оценка „борбено подготвен“.
Министерството за одбрана уште еднаш ги израдува вработените во армијата со исплатата на јубилејната награда кои согласно Колективниот договор ги исполнуваат условите за тоа. Во ноември началниците на генералштабовите на армиите од земјите членки на Јадранската повелба и САД (А-5), во Скопје одржаа конференцијата на која се разговараше за проширување на соработката меѓу државите од А-5 за целосна НАТО интеграција и придонес за безбедноста на Алијансата.
Под мотото „Интеграцијата е целта, соработката е начинот“ во Охрид се одржа и состанок на министрите за одбрана на САД – Јадранската повелба на кој се реафирмираше и конкретната поддршка од сите земји на намерите и заложбите на Македонија за постигнување на полноправно членство во НАТО. Министерката Шекеринска пред присутните во Охрид порача дека Македонија не бара членството во НАТО да го добие како подарок. Според неа тоа не е стекнато право, туку дека тоа да е резултат на посветеност, исполнети критериуми и континуирана стабилност.
Во последниот месец од годината кога АРМ во Норфолк-Вирџинија беше пофалена за резултатите во исполнување на интероперабилноста за членство во НАТО, министерката Шекеринска го презентираше Буџетот на армијата, што во 2018 година доби 15 отсто зголемување. Изнесува вкупно 6,4 милијарди денари, а зголемен е за 820 милиони денари.
После сите најави и успешно реализирани реформи во АРМ, во 2018 година Македонија очекува заслужено да го добие членството во НАТО.