Собраниска надзорна расправа за Годишната програма за култура

Кои се критериумите по кои се распределувале пари за проектите што аплицирале и по кои се номинирале членови во комисиите и дали постоел вредносен систем во секоја дејност одделно. Овие се целите на надзорната расправа што ќе биде организирана во Собранието на барање на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Собраниската Комисија за култура денеска на седница едногласно ја усвои нивната иницијатива да се одржи надзорна расправа за културните политики и начинот на донесување на Годишната програма за остварување на јавниот интерес во културата, со посебен осврт на реализацијата на програмата за 2018 година. Датумот и листата на учесници на расправата ќе бидат дополнително утврдени.

-Најбитната цел што ние како пратеници може да ја оствариме е да се  измени и надополни недостигот на законска регулатива во однос на критериумите при распределба на средствата и да биде сведен на минимум произволниот начин на нивно доделување, рече пратеничката Магдалена Манаскова образложувајќи ја иницијативата.

Резултатите од конкурсот првпат годинава, рече таа, наместо да поттикнуваат творештво, довеле до раздор и непријателство, а скандалозната програма, како што рече, направила непоправлива штета на етничка основа.

-Таа создаде вештачка етничка поделба, а вистинската и единствена поделба во културата треба да биде на професионалци и на оние што тоа не се, односно на проекти кои вредат да бидат поддржани и такви кои не смеат во никој случај да бидат поддржани од Министерството, рече Манаскова.

Според неа, дискутабилен е составот на комисиите што одлучуваат по пријавите зашто дел од членовите се „тотални анонимуси во областите за кои одлучувале“. Посочи и дека е бесмислено ограничувањето на бројот на проекти од една институција, како и ограничување на средства за заштита на недвижното културно наследство кое е приоритет во Националната стратегија за културата.

-Сумата тука е ограничена на само 300.000 денари, а од друга страна имаме милионски суми за фризерски саеми и слични проекти, рече Манаскова. Забележа и што некои компании кои аплицирале за проекти се формирани само неколку дена или месеци пред објавувањето на конкурсот.

Пратеничката Никица Корубин од СДСМ и коалицијата рече дека слабостите се должат на лошата регулатива на постојниот закон за култура и ќе се надминат со новиот закон чиј нацрт-текст е готов. Овластувањата што сегашниот закон му ги дава на министерот не дозволуваат забелешки затоа што тој има апсолутна надлежност, а тоа, рече Корубин, му е наметнато и нему.

-За жал, додека не влезе во Собранието и додека не се регулира, програмата се носи според стариот закон… Недонесувањето на новиот закон, кој е во сила долго време, претрпел многу измени и е апсолутно несоодветен,  е главната пречка  во носење на програмата. Во  новиот законски текст се менува начинот на кој се избираат комисиите, чиј состав сега ексклузивно го избира министерот, се менува и начинот на кој се финансираат институциите, рече Корубин и забележа што од Министерството за култура сè уште не им е доставен за собраниска процедура законот за јавен интерес во културата.

Претседателката на Комисијата за култура Ирена Стефоска  очекува надзорната расправа да ги покаже системските слабости во досегашното работење во културата, проблемите и начините на трошење на јавните пари.

Таа ќе биде втора надзорна расправа на Комисијата за култура во овој мандат, по онаа што беше организирана пред неполна година посветена на статусот на Охридскиот Регион како заштитено подрачје од УНЕСКО. Таа расправа резултираше со 24 заклучоци но, како што  укажаа членовите, се почитуваат само дел од нив.

Со одлука на собраниската Комисија за култура денеска беше формирана интеркомисиска работна група составена од десет пратеници, кои членуваат истовремено во пет собраниски комисии. Групата ќе комуницира со надлежни институции и редовно ќе ги следи предлог-промените во законската регулатива со цел да се постигне  комплементарност и усогласување со која било измена на постојните закони кои се однесуваат на Охридскиот Регион. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *