Почитувани,

Во врска со изјавата на Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис за Грчкиот весник „То Вима“ и јавната полемика меѓу Грчката Влада и опозицијата за прашањето на името на Република Македонија, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Која е границата до која актуелната Влада ќе дозволува понижување од Грчка страна? Срамен е начинот на кој Градоначалникот Јанис Бутарис се правда пред нивната јавност што Премиерот Зоран Заев ќе ги помине новогодишните празници во Солун. Тврдењето дека Зоран Заев сам се поканил во Солун е скандал кој бара реакција. Најмалку што може да стори Премиерот е веднаш да го откаже аранжманот во Солун и да даде јасно до знаење дека нема да дозволи ваков нечесен однос.  Паралелно, јавната полемика меѓу Панос Каменос, Дора Бакојани и Теодорос Пангалос за тоа што за која партија е прифатливо како евентуално решение на спорот што Грција го има со нашето Уставно име, потврдува дека сме во прво кога тврдиме дека Грција не попушта од своите радикални и националистички ставови. Грција до крај ќе инсистира да се најде ново име за севкупна употреба што ќе значи и барање до нас да се смени Уставот и да прифатиме нов, наметнат идентитет.

Што уште треба да се случи за актуелната Влада да сфати дека сервилната надворешна политика не вродува со плод? Напротив се злоупотребува. Бадијала се јавните ветувања и подготвеноста на Премиерот Зоран Заев и Министерот Никола Димитров да преименуваат аеродроми, автопатишта, да отстрануваат споменици, да менуваат учебници по историја, да се откажат од античките корени. Дури да ги исполнат сите Грчки хирови, јасно е дека официјална Атина нема да попушти од својот став – без променето име и откажување од Македонскиот идентитет, нема решение за спорот, ниту членство во ЕУ и НАТО Алијансата. Нека погледнат во минатото. Некоја друга Влада претходно смени Устав, знаме се откажа од сонцето на Кутлеш, прифати срамна привремена референца ПЈРМ за да обезбеди прием во ООН, направи многу крупни отстапки на штета на Македонскиот народ, а Грција не отстапи од својата ирационална политика на блокади и закани.

Македонската Алијанса уште еднаш апелира, пред да стане предоцна, да се пристапи кон шок дипломатски чекори како времено прекинување на преговорите за спорот за името со образложение дека бараме прво да се спроведат меѓународните норми како гаранција дека меѓународното право ќе се почитува безусловно. Грција како осудена земја од Меѓународниот Суд во Хаг, да ја спроведе пресудата и во согласност со меѓународното право и Времената Спогодба од 1995 и да ги одблокира Македонските Евроатлански интеграции. Во спротивно немаме ниту една причина да веруваме дека официјална Атина сака навистина да го реши спорот и дека е подготвена да почитува евентуални нови меѓународни договори или спогодби за Македонското прашање.

Единствен суверен владетел на Македонското име и идентитет е Македонскиот народ. Ниту еден лидер, партија или коалиција не е поголема од иднината на нашата Татковина!

MАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател, 

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

SHARE