Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во работна посета на Виница

Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ, Клеменс Која денеска оствари прва работна посета на Виница, при што се сретна со претставници од локалната власт, образованието и бизнис секторот во општината.

На средбата со градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, и со претседателот на општинскиот Совет, Тони Велков, на амбасадорот Која му беа претставени досегашните активности што се реализирани со поддршка од ОБСЕ, а се разговараше и за можностите соработката да продолжи, особено за проекти во образовните институции.

– Нашата општина веќе аплицираше со проект за подобрување на условите во основното училиште „Славчо Стојменски“, како едно од најстарите во регионот, а се надеваме дека слична поддршка ќе добиеме и за другите училишни објекти. На средбата стана збор и за состојбата во општината, пред сè во поглед на безбедноста, како и за активностите за подобрување на економските услови на локално ниво, истакна градоначалникот Димитров.

Амбасадорот Која изрази задволство од досегашното ниво на соработка и оцени дека постојат одлични можности за унапредување и проширување на односите со јавните институции во општината, на што ќе се работи во наредниот период.

Во рамки на престојот во Виница, амбасадорот на ОБСЕ ги посети основното училиште „Гоце Делчев“ и гимназијата „Ванчо Прке“, како и компанијата „СБВ Ромеро“, која како странска инвестиција планира проширување на своите производни капацитети.