Владата на БиХ го утврди договорот со Македонија за условите за патување на граѓаните

Советот на министри на Босна и Херцеговина на денешната седница го утврди текстот на предлог договорот со Владата на Македонија, за условите при патувањето на државјаните од двете земји, со што би се проширила економската соработка во областа на туризмот и културата.

Во соопштението од владината седница се посочува дека на тој начин, ќе се олесни патувањето на граѓаните од Македонија и Босна и Херцеговина со преминување на границите со биометриски пасоши или со биометриска лична карта и престој во една од земјите до 90 дена во период од 180 денови.

Како што јави ФЕНА, предлог-договорот со Извештајот од преговорите ќе биде доставен до Претседателството на Босна и Херцеговина, а за негов потписник од босанска страна е определен министерот за надворешни работи Игор Црнадак.