Жерновски во Женева на 40-та сесија на Советот за човекови права на ОН

Делегација на Министерството за надворешни работи, предводена од заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, од 25-ти до 27-ми овој месец престојуваше во Женева, каде што учествуваше на сегментот на високо ниво на 40-та сесија на Советот за човекови права на ОН.

Како што соопшти МНР, Жерновски во своето обраќање се осврнал на актуелните глобални предизвици што се во фокусот на вниманието на меѓународната заедница од аспект на состојбата на човековите права.

Во делот посветен за презентирање на состојбите во Република Северна Македонија, тој информирал за преземените активности во насока на унапредување на состојбата во повеќето општествени сфери, со цел соодветна промоција, заштита и почитување на човековите права и слободи.

На маргините на Советот, Жерновски се сретнал со Дидиер Рејндерс, вицепремиер и министер за надворешни работи на Кралството Белгија.

На средбата, како што е наведено во соопштението, Жерновски оценил дека билатералната соработка помеѓу двете земји се одликува со пријателство и со взаемно изразена подготвеност за натамошно унапредување, а двете држави споделуваат исти демократски вредности и интерес за  соработка.

Заменик – министерот Жерновски посебно се осврнал на надворешно – политичките приоритети, потенцирајќи ја историската година на РСМ со затворање на најчуствителното билатерално прашање со Грција.

– Република Северна Македонија веќе нема отворени политички прашања, со што се отстранети сите пречки за членство во двата големи сојузи, НАТО и ЕУ. Следува период за економско консолидирање и почуствување на економските бенефити од овие процеси, истакнал Жерновски.

Во оваа прилика тој изразил благодарност кон Кралството Белгија за континуиранaта поддршка во ЕУ и НАТО интеграците на РСМ и очекување дека набргу ќе следи ратификација на пристапниот протокол во Белгиското дводомно собрание.

Министерот Рејндерс, упатил честитки до Владата на РСМ за потпишувањето на пристапниот протокол за членство на РСМ во НАТО, и ја реафирмирал поддршката на Белгија во реализација на стратешките цели на РСМ и реформските процеси, при што ја охрабрил Владата на РСМ да продолжи со превземените клучни реформи со цел добивање на датум за отпочнување на преговорите со ЕУ во јуни. Притоа истакнал дека Белгија во скоро време ќе го ратификува и Протоколот за членство на РМ во НАТО.

Во рамки на учеството на Високиот сегмент на 40-тиот Совет за човекови права, Жерновски остварил билатерални средби и со Ретно Лестари Приансари Марсуди, министер за надворешни работи на Индонезија, Тереза Рибеиро – заменик министер на Португалија, Пол Тесалу – заменик министер на Естонија, Елмар Махарам и министер на Азербејџан, Емануела Клаудиа Дел Ре -заменик министер на Италија, Кјото Цуји – заменик министер на Јапонија и со Клаудио Авруј, државен секретар.

На сите средби биле упатени искрени честитки за стекнатиот статус на поканета членка во НАТО, со надеж дека формалната ратификација на Протоколот ќе заврши многу брзо.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *