Средствата за изградбата на новиот Клинички центар во износ од 480 милиони евра, произлегуваат од Физибилити студијата изработена од времето на ВМРО-ДПМНЕ, поточно од 2014 година, изјави денеска премиерот Зоран Заев во Собранието на Република Северна Македонија, одговарајќи на пратеничко прашање на Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ, за тоа дека сумата за новиот Клинички е огромна и оти постои сомнеж дека парите ќе завршат, како што рече, „во нечии џебови“.
Таа посочи дека сумата е четири пати поголема од таа утврдена од претходната власт и ја запраша власта дали планира да гради вселенски брод со 480 милиони евра.
– Темата за изградба на новиот Клинички центар е отворена уште од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, сакаме да продолжиме да решиме важен проблем во државата, поврзан со терцијарното здравство. Точно е дека бевме критични за решението за Клинички центар на старата локација, за која беа предвидени 85 плус 35 милиони евра, односно 120 милиони евра. На крајот заврши со постапка, со потпишан договор, што беше поништен од сегашната Влада и се работеше за една зграда, рече Заев.
Посочи дека во рамки на постојниот Клинички центар сите други згради остануваат, се работи за една зграда или два објекти споени во еден објект, што дефинитивно, како што рече, претставува решение, за делумен дел на потребите и разликата е огромна.
– Физибилити студијата изработена во 2014 година од времето на ВМРО-ДПМНЕ е таа што предвидува 480 милиони евра. Немаме правено нови документации, таа е истата физибилити студија. Таа е појдовниот документ и е усвоена од државните институции во 2014 година, и е документ врз кој потоа се градат сите други постапки. Платени се државни пари, дел се грант за нејзина изработка, истакна премиерот.
Заев ја повика опозицијата да се вклучи во овој проект, во стручни комисии и заедно да ги спроведуваат сите постапки. Рече дека тоа е џиновски проект важен за сите граѓани, за кој побарале и поддршка од австриската Влада.
– Наша желба е ако може уште оваа година да се почне со изградбата на Клиничкиот центар. Локацијата е веќе утврдена од страна на Владата, тоа е на влезот кон Скопје, од страната на Тетово, надвор е од урбанистичкиот план, обезбеден е со цела инфраструктура, достапен лесно поради обиколницата…, Нема ништо од утврдување вредности, освен тие предвидени со Физибилити студијата, додаде Заев.
Затуроска реплицираше дека е невозможно толку огромен проект да почне да се гради до крајот на годината, и оти за почеток на градба се потребни најмалку една година и половина, како и тоа дека власта нема ниту финансиски план за да ја отпочне изградбата на новиот Клинички центар во толку кус период.