Министерката за европски прашања при Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција, Натали Лоазо, денеска ќе престојува во работна посета на Република Северна Македонија.
Како што соопшти француската Амбасада во Скопје, министерката Лоазо ќе биде примена од премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, а ќе има средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, како и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во придружба на министерката Лоазо се и сенаторката и претседател на групата за пријателство Франција-Западен Балкан, Марта де Сидрак, како и пратеникот и претседател на групата за пријателство Франција-Северна Македонија, Бертран Сор и заменик-директор за континентална Европ а при Министерството за Европа и надворешни работи, Бујан де Лакост.
Во рамки на посетата на Владата на Република Северна Македонија, министерката Лоазо и министерот за образование и наука Арбер Адеми, во присуство на премиерот Заев, вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ќе потпишат билатерална спогодба што се однесува на франкофонските двојазични паралелки во средните училишта.
Република Северна Македонија е полноправна членка на Франкофонијата, а оваа спогодба е прва од таков вид што таа ја потпишува со друга држава по ратификацијата на Договорот од Преспа.
На средбата со студенти на која е поканета министерката Лоазо, во Дипломатската академија при Министерството за надворешни работи, ќе се разговара за прашања кои се однесуваат на иднината на ЕУ и за процесот на интеграција на Западен Балкан во Европската Унија.
Според агендата, предвидена е и средба со претставниците на локални невладини организации, кои се партнери на француската Амбасада.