Дел од животната приказна за емигрантот Стив Пљакас

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА ЗА ЕМИГРАНТОТ СТИВ ПЉАКАС

Стив (Стево) Пљакас (Пљаков) е роден на 2 јуни 1940 година во убавото село Зелениче, Леринско, во беломорскиот дел на Македонија. Во Зелениче, низ тамошните ширни полиња и цветни ливади, низ сокаците и дворовите, покрај реката и околните ридови, тој ги минувал своите детски 12 години од животот. Стив со своите најмили, со мајка му двете сестри и братот, едно рано утро на 5 мај 1952 година, како момче кое штотуку зачекорило во животот, едно рано утро заминал, го напуштил родниот крај и се доселил во Канада

Стив Пљакас (Стево Пљаков) кој потекнува од егејскиот дел на Македонија е угледен, почитуван и доблесен Македонец. Тој е признат и докажан роднокраен вљубеник, исклучителен афирматор на својата македонска припадност, на своите корени, име и татковина, тој е бизнисмен и патувач по целиот свет.

Стив е исклучително голема, позната, призната и неодминлива личност во македонската дијаспора и во Македонија. Тој, без сомнение е еден од Македонци во Канада кој е мошне успешен на економски план. Иако долго време живее на Њумаркет, во Онтарио, од своето емигрирање до денес тој е длабоко и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во Македонија. Тој е Македонец по националност, почитуван Кањаѓанец, еден од македонските масони на северноамериканскиот континент, но и православен христијанин по вера. Бизнисменот Пљакас е голем бранител на македонското име и афирматорот на историјата и честа на македонскиот народ и Македонија во светот, посебно во Канада.

Стив (Стево) Пљакас (Пљаков) е роден на 2 јуни 1940 година во убавото село Зелениче, Леринско, во беломорскиот дел на Македонија, од татко Ламбро и мајка Гена. Тој оваа година го слави своето седумдесет и осмо лето Господово на наговиот бурен живот и успешна кариера. Стив дошол на свет како сакана принова во семејството, како прво машко чедо на кое толку многу му се радувале родителите. Пред него се родила сестра му Марика, а по него се сестрата Тила и братот Ѓорѓи. Уште од мали нозе бил темпераментно, умно  дете, кое восхитувало со своите перцепции и видувања на работите.

Во убавото Зелениче, низ тамошните ширни полиња и цветни ливади, низ сокаците и дворовите, покрај реката и околните ридови, Стив ги минувал своите детски 12 години од животот. Тоа биле само  понекогаш  убави детски денови исполнети со игрите и  фантазијата,  бидејќи, наместо безгрижност, радост  и спокојство, тие рани години биле времиња на стравови и премрежија.

F2

Панорама на селото Зелениче

Прво во годините на Втората светска војна, а потоа и во Граѓанската војна во Грција, кога е погромот на Македонците, кои ги доживуваат едни од најтрагичните раздобја во својата долга и многу богата историја.  Разните видени случувања и сведоштвата на самото место за тегобите и макотрпниот живот, оставиле неизбришливи  траги, лузна  и сеќавања во кревката детска душа.

Семејството Пљаковци притиснато од тешките економски услови и соочено со лошите политички турбуленции на Македонците во егејскиот дел на Македонија, со тешко срце одлучило да го напушти своето вековно огниште. Присилната разделба со родниот крај, заминувањето од него засекогаш, била многу тешка одлука и пат кон непознатите белосветски дестинации на северноамериканскиот континент.

Нивниот избор при преселбата била големата земја – Канада. Стив со своите најмили, со мајка му двете сестри и братот, едно рано утро на 5 мај 1952 година, како момче кое штотуку зачекорило во животот, едно рано утро заминал, го напуштил родниот крај. Уште еднаш се свртел наназад за да го погледне и да се збогува со домот и со расцутената градина, во која толку  многу  им се радувал на секој цвет, на секое дрво и раните овошки.

Тоа утро рој солзи му се стркалале низ образите на детето кое се дели и оди во еден поинаков нов свет и меѓу незнајни луѓе и далечни средини. Се прегрнал со другарите, со кои играл по сокаците, во училишниот двор и низ полјаните, а кои уште во рани зори дошле да го испратат својот омилен врсник. Тажна сцена на разделбите, незаборав во спомените, бидејќи засекогаш го напушти вековниот дедовски праг и незаборавното родно место.

F3

Патувачката сага на семејството Пљакови започнала во Зелениче на пат кон Атина, од каде натаму, со брод по медитеранските води и големиот Атлантски океан, заминува за Халифакс, во далечната Канада. Во долгите деноноќија додека пловеле по сините пространства, колку ли пати Стив застанувал на палубата и се загледувал во бескрајните водени широчини, толку многу мисли му поминувале низ неговите дали е сон и јаве.

Кратко по Халифакс, нивната нова дестинација е градот Виндзор, во провинцијата Онтарио. Градот што претставува влезна врата, кога од американскиот Мичиген и автомобилскиот Детроит, преку  подводниот тунел или мостот се доаѓа во Канада. На 30-тина километри северно од Виндзор, во местото Колестер, неговиот татко Ламбро веќе ја имал фармата од околу 3 хектари земја, (10-ина акри). Во тоа место се саделе разновидни зеленчуци, кои уште тогаш, биле вистинска еколошка храна, па затоа и не случајно биле многу ценети и постојано барани.

Како дружељубиви луѓе и добри домаќини, семејството Пљакас се стекнало со многу пријатели и станало мошне почитувано семејство, особено меѓу Македонците од Егејска Македонија, кои ги имало на повеќе полиња надвор од Виндзор. Ова семејство излегува од шемата на ,,обичното” живеење и внесува иновативни содржини, средби и настани  во секојдневието.

Така, во 1953 година семејството, заедно со други македонски семејства организираат македонскиот пикник на нивната фарма, што претставувало еден исклучителен чин на семакедонската дружба, разбирање и сплотеност. Сториле сè, тоа боло настан за паметење, бидејќи сите што присуствувале заминале задоволни, посакувајќи повторно да се вратат кај така добри домаќини.

F4     F5

Фамилија Плакови во Виндзор                              Стив во детските години

Како минувало времето, така сè повеке кај Стив созревало сознанието, дека, тоа место, тој бизнис и другите околности, не се мегданот  за големите планови кои ги имал за својата иднина. Од низа причини, фармерскиот бизнис го завршил по шесте поминати години во виндзорскиот регион, за да продолжи по нова потрага и нови дестинации.

Стив Пљакас и неговото семејство биле исправени пред нов предизвик. По разните анализи, размислувања и  планови тие  донеле цврста семејна  одлука и во 1958 година целосно заминуваат за Торонто. Се доселиле во големиот град на Онтарио, што било ново соочување со новите животни почетоци и предизвици во Канада.

Како 18-годишно вредно и многу бистро момче, Стив решава сам да почне со автомеханичарството, колку за да стартува од некаде. Добро му тргнало и веќе по извесно време, станалч претставник на автомобилскиот гигант „Форд” за продажба на нивните возила. Менаџерите во овој бизнис го препознале талентот, снаодливоста и умеење на младото момче Стив, затоа тој и добива таков ангажман кој му ги отвори идните патишта во бизнисот.

Меѓутоа, како што одминувало времето, така и визиите и плановите за поинакво утре, станувале сè поамбициозни и сè поголеми, бидејќи Стив имал капацитет да создава нови вредности, да се зафати со далеку поефективни проекти. Во Торонто имал многу опции и понуди, имал примамливи  најави, но, сепак, донел одлука среќата  да ја побара во блиските градови на метрополата Торонто.

Продолжува

d5

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *