СТИВ ПЉАКАС КАКО МАСОН И НЕГОВИТЕ АКТИВНОСТИ ВО ОВАА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО КАНАДА
Њумаркет е местото на живеење и ннивниот бизнис кој високо ги воздигна во канадското општество. Познатиот македонски активист и бизнисмен Стив Пљакас и неговата сопруга Лили, исто така, беа и големи хуманисти и донатори на многу личности, асоцијации и важни македонски културни и други манифестации во Канада, САД и во Република Македонија. Стив Пљакас е еден од Македонците на северноамериканскиот континент кој е масон, или слободен ѕидар
Во 1974 година Стив Пљакас се спакува и замина за гратчето Њумаркет. Тоа место останало негово долгогодишен приватен и семеен пристан. И денес Стив сè уште е таму, а беше и со својата верна животна сопатничка со големо срце, со шарм и ведрина, покојната Лили Пљакас. Тие токму во ЊуМаркет век-векуваа, таму е нивниот бизнис кој високо ги воздигна. Исто така, таму е оазата на личниот и семејниот мир, каде навистина среќно уживаа со семејствата на Маргарет и Џини. Во исто време, Њумаркет е нивната почетна станица за сите патувања низ светските меридијани.
Со средствата од првиот бизнис во автомобилската работа, а и како сервис-дилер на услуги и продажба на автомобили, Стив го купува големиот градежен плац отспротива, каде го изградиле и семејниот дом. Меѓутоа, и натаму не мирува немирниот дух на Стив. Тој трага по нови бизниси, по друго работно место, по сопствен пат и иднина.
Затоа, по некое време го продава автомобилскиот сервисен центар, ја напушта доста успешната автомобилска работа и влегува во продажба на имоти, односно недвижнини (real estate), во кои дошле до израз неговото животно искуство, познавањето на англискиот јазик во продажбата на имоти кој е особено внослив бизнис во Канада. Притоа, финансиската помош од страна на семејството на неговата сопруга била од многу голема важност.
Интересен спој било сето тоа негово активирање на повеќе полиња. Сето тоа му овозможило да се занимава и со политика, што е веќе значаен исчекор во неговите богати и многу впечатливи биографски страници. Така, во изборниот циклус од 1987 до 1988 година, како член на федералната партија НДП (Нова демократска странка), Стив е избран во одделот „Полициски сервис”.
Како и во секој негов ангажман дотогаш, и во политичките води, Стив се снаоѓа и постигнува успех и тоа мошне добро и на долги патеки. Затоа е респектиран член и активист и во Њумаркет каде што е избран, но, и пошироко, добивајќи многу комплименти, признанија и сатисфакција за ангажманите на политички план.
Њумаркет
Меѓутоа, сепак, прва и основна преокупација му е бизнисот. Заедно со сопругата Лили, во Њумаркет ја отвора компанијата Lilcris Industry Ltd – Partner Xim Peoples Co., заедно со Крис, Македонец од селото Бесвина, Егејска Македонија. Меѓутоа, во 2000 година Стив и Лили го купуваат делот на нивниот партнер и пријател Крис и самостојно ја продолжжуваат среќната иднина.
По поделбата, односно по негова целосна сопственост врз компанијата, веќе се внесува нов импулс, нова енергија и се започнува со нови проширувања и дејности. Како холдинг компанијата прерасна во моќен бизнис центар во Њумаркет, чиј претседател и директор е Стив Пљакас. Под неговата контролоа се и берзанските движења, трансакции и акции. Сето тоа претставува многу интересен спој на полето на бизнисот, кој со голема поддршка од Стив и Лили со успех денес го водат нивната ќерка Џини и зетот Алек.
Познатиот македонски активист и бизнисмен Стив Пљакас и неговата сопруга Лили, исто така, беа и големи хуманисти и донатори на многу личности, асоцијации и важни македонски културни и други манифестации во Канада, САД и во Република Македонија. Стив Пљакас долги години работи за Македонија, за Македонците и македонското прашање, обединувајќи ги македонските иселеници и Македонците во соседните земји. Тие биле спонзори на бројни социо-културолошки настани, вклучувајќи и фолк-фестивали, спортски настани и друго. Затоа со право се вели дека Стив Пљакас успешно се снашол во Канада. Меѓутоа, воден од љубовта кон татковината тој е мошне активен и во Македонија.
Исто така, Стив Пљакас е еден од Македонците на северноамериканскиот континент кој е масон, или слободен ѕидар. Инаку масонството е братска организација која се појавила кон крајот на XVI и почетокот на XVII век. Масоните денес постојат во различни форми низ целиот свет, со членство од околу пет милиони луѓе, вклучувајќи околу половина милион во Англијаа, Шкотска и Ирска, како и околу два милиона во Америка, каде нивното членство е најбројно.
Домот на Лили и Стив Пљакас
Според зборовите на Стив Пљакас, сите форми на масоните делат исти морални и метафизички идеали, кои во најголемиот број случаи вклучуваат изјава за верување во Бога. Инаку, братството административно е организирано во големи ложи, а секоја од нив си има свои јурисдикции. Исто така, постојат дополнителни тела, кои се организации што се во тесна врска со масоните, но со своја независна администрација.
Според историските податоци за масонството, Првата Големата ложа на Англија е формирана на 24 јуни 1717 година, кога четири веќе постојни ложи во Лондон се сретнале на заедничка вечера, додека во Ирска и Шкотска се формирани во 1725 и 1736 година. Масонството е распростането и во британските колонии во Северна Америка, односно во Канада во текот на триесетите години на XVIII век, каде биле оформени различни локални Големи ложи. Треба да се нагласи дека, во суштина, не постојат вистински разлики меѓу масонските практики на ложите во минатото и денес.
Најстарата надлежност во континенталниот дел од Европа, пак, ја има Големата ложа на Франција, формирана во 1728 година. Повеќето ложи од земјите од англиско говорно подрачје ги прекинале контактите со оваа ложа околу 1877 година — кога Големата ложа на Франција го сменила условот за своите членови во врска со верувањето во Бога и го прифатила атеизмот. Затоа, обично се вели дека масонството е составено од две гранки: Големата ложа на Англија (UGLE), и Големата ложа на Франција (GOdF).
Во подолгиот разговор со господин Стив во врска со масонството, тој рече дека масоните често се нарекуваат „тајни здруженија“, велејќи дека тој термин повеќе соодветствува отколку терминот „езотеричко здружение“, бидејќи поголемиот дел од нивните активности се тајни. Тајните активности во модерните масонски ложи се начините за препознавање меѓу членовите, како и одредени делови од ритуалите. За тоа се уверивме во Измир, во Турција, кога Стив не се чувствуваше најдобро и, преку прстените се препознаа со еден масон, кој вети дека се‘ ќе направи за Стив.
Лили и Стив Пљакас
Инаку, кандидатот за масон мора да влезе во ложата од својата држава. Треба да биде прашан од веќе постоен член, дали сака да биде масон. Доколку се согласи, станува кандидат за член. Во некои ложи се практикува можниот кандидат да биде прашан три пати. Останатите членови го одобруваат неговото членство со ставање на „бели топчиња“ во кутијата за гласање. Доколку се појави едно „црно топче“, кандидатот ќе биде одбиен. Бројот на негативни гласови за одбивање на кандидат не е ист кај сите ложи, но најчесто еден глас против е доволен.
Според општите услови за станување масон, меќу другото, се: стапување во организацијата по своја слободна волја; верба во врховното битие; кандидатот да биде со добро реноме, добри морални вредности; да биде психо-физички здрав; да биде способен да ги прифати карактерните правила на ложата и друго. Отстапувањето од еден или од повеќе од овие услови се смета за показател за одбивање од масонската организација.
Интересено е да се спомене дека од 1723 година, прифатено е дека масон може да биде само маж. Најголемиот број масонски ложи не примаат жени во своите редови. Сепак, пред 1723 година, постоеле неколку жени кои станале масони. Во денешно време, жените си формираат свои ложи по углед на машките, и ги практикуваат истите ритуали. Женски масонски организации постојат низ целиот свет.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН