Македонскиот композитор, диригент и аранжер Џијан Емин на 4-ти и 5 јануари ќе настапи како диригент на два концерта во Будимпешта, во концертната сала МУПА – една од најпрестижните во Унгарија. Ќе диригира на концертите насловени „Миртил-Париз симфонија“, на кои солист ќе биде Миртил Мишелер – познат унгарски уметник, особено во сферата на европската џез-сцена. Џијан Емин ќе го води оркестарот „Данубија Оркестра Обуда“ и бенд од Унгарија. Програмата е составена од француски шансони, кои беа изведени и во Скопје минатата година на концертот „Париз те сакам“ по повод Денот на вљубените, чии аранжмани беа на Емин. На концертите, кои се распродадени од пред еден месец, ќе бидат изведени познати теми од Ив Монтан, Едит Пјаф, Мишел Легранд, Жо Дасин… Џијан Емин изминатиот месец настапи како диригент и автор на музиката на настанот „Неуланд – Сенсориум“ кој, според порталот „Риборн“, беше прогласен за настан на годината, потоа на концертот на Здружението на џез-музичари со Македонската филхармонија под наслов „Baby it’s Cold Outside“, како диригент и на концертот „Филхармонија за Шпато“, на концертот „Charlie Parker & Strings“, на мултимедијалниот перформанс во соработка со „Имиџ Пи Ар“ и Македонската филхармонија… Паралелно, Џијан Емин работеше и како оркестратор на музиката за најскапиот филм досега снимен во Индија заедно со Rico the Wizard, продуцентот на „Дафт Панк“, на музика на оскаровецот Алах-Рака Рахман.

Заменик претседателот на грчката десночарска партија Независни Грци, Панајотис Сгуридис, помалиот коалициски партнер во владата на премиерот Алексис Ципрас,  побара референдум за прашањето за името на Македонија, јавуваат грчките весници Нуз 24 и „Параполитика“.

Сгуридис изјавил дека неговата партија нема да гласа име кое ќе го соддржи зборот „Македонија“, и додаде дека „предлогот на Независни Грци е името „Централна Република на Балканот“.

-Ние од партијата Независни Грци сметаме дека државата Скопје треба да постои и може да игра значајна улога на Балканот. Нејзиното приклучување кон НАТО и ЕУ е важно, но тоа треба да се случи без иредентистички напливи. Нашиот предлог за именување е „Централна Република на Балканите“. Тоа е неутрално име, но со извесна динамика во однос на другите земји од регионот, изјави Сгуридис за солунското радио Фокус 103,6.

Тој појасни дека доколку на референдумот грчкиот народ одлучи нешто поразлично, неговата партија ќе ја прифати одлуката. Изјаснувањето е слично на тоа што се оддржа на Кипар за проектот предложен во 2004 година од поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, за повторно обединување на поделениот остров, смета политичарот.

Сгуридис за радиото уште додал дека референдумот може да се организира откако двете земји ќе постигнат спогодба, која доколку не биде изгласана од Парламентот, може да биде подложена на сеопшто изјаснување.