Груби се сретна со бугарскиот амбасадор Ангелов

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби вчера се сретна со бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов.

Од Комисијата соопштија дека амбасадорот Ангелов ја потврдил бугарската пријателска поддршка на сите полиња, која е присутна и во политичкиот и во економскиот живот на двете соседни земји. Притоа, информирал за најавата за основање огранок на Светската банка во Софија, со цел за поддршка на изградбата на Коридорот 8, Бургас-Софија-Драч, со патна и железничка инфраструктура.

Истакнал дека Бугарија го поддржува проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, и со овој проект ќе настојува да го оддржува и понатаму фокусот на ЕУ за регионот, освен на политички и на економски план.

Груби изразил задоволство во врска со интензивирањето на напорите за што побрзо реализирање на Коридорот 8, што е од огромно значење за регионот, посебно за Бугарија, Северна Македонија и Албанија.

Исто така, Груби се заблагодарил и за поддршката за време на бугарското претседателство со ЕУ, минатата година, кога Бугарија високо во својата агенда го стави ЕУ проширувањето со земјите од Западен Балкан и за нас Софија беше всушност Брисел на Балканот.

Тој посебно ја нагласил поддршката на Софија за нашите евроинтегративни процеси, која е во континуитет и е многу важна, особено во пресрет на претстојниот самит на ЕУ, во јуни кога очекуваме да добиеме и датум за преговори. Во тој контекст, информирал за актуелните случувања во земјата во пресрет на претседателските избори, но и на Годишниот извештај за напредокот на земјата, во кој се очекува препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ.