Џафери: НАТО стана реалност за нас

Со денешната ратификација на Протоколот за НАТО во бугарскиот Парламент ја покажавме решеноста да продолжиме да ги решаваме проблемите во регионот и да се грижиме за колективната безбедност, не само во нашиот регион, туку и во цела Европа, изјави претседателката на Собранието на Бугарија Цвета Карајанчева, по средбата во Софија со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери.

Таа меѓу другото истакна дека Софија и Скопје можат да се гордеат со потпишаниот договор за пријателство и добрососедство, со кој, подвлече, покажаае дека ги бараат допирните точки на согласност и разбирање. Го поздрави и потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, што, според неа, е показател за неповратливите на европските процеси во регионот.

– Заедно можеме да бараме решенија и патишта за приоритетите, кои Бугарија веќе ги одбележа за време на своето европретседавање – за транспортна поврзаност, за нова евроструктура, инвестиции во енергетиката и туризмот, рече меѓу другото Карајанчева.

Претседателот на Собранието на Северна Македонија Џафери упатувајќи благодарност за денешната ратификација, потенцира дека по долги години чекање пред вратите на НАТО, најпосле, Алијансата за нас стана реалност.

– Уверен сум дека со Бугарија покрај нас е силна гаранција дека и ние како држава, но и целиот Балкански регион ќе се движиме во вистинската насока која носи мир, стабилнсот, напредок и благосостојба. Добро е да имаш искрени пријатели, но чувството е уште подобро кога се наши соседи, изјави Џафери.

Парламентот на Република Бугарија денеска го ратификува Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. За ратификацијата гласаа 140 пратеници, а против и воздражни немаше.