Ѓилас: Изјавите на Вулин се скандалозни и спротивни на пријателството со македонскиот народ

Лидерот и еден од основачите на опозицискиот блок „Сојуз за Србија“ (СзС) Драган Ѓилас во реакцијата на вчерашната изјава на министерот за одбрана Александар Вулин, изјави дека јазикот на омраза на Вулин е скандалозен и спротивен на пријателството на двата народа.

-Изјавите, како што е оваа на министерот Вулин, за жал, се токму спротивното од она што треба да биде политиката кон Северна Македонија и македонскиот народ. Очигледно, поединците кои пред 25 години го употребуваа јазикот на омраза кон другите народи, никогаш не го забораваат овој јазик. Верувам дека овие скандалозни зборови на еден министер се ирелевантни во однос на пријателството на двата народа кои ниту еден неодговорен поединец, без разлика на каква е функција, не може да ги наруши, изјави Драган Ѓилас за дописникот на МИА во Белград.

Министерот Вулин вчера како реакција на средбата во Скопје меѓу Драган Ѓилас и премиерот Зоран Заев, за Вечерни новости изјави дека „Скопје стана она што порано беше Будимпешта, центар на разузнавачки работи против Србија, место каде се обезбедува финансирање и поддршка за цинкароши и сечикеси од целиот регион, за политичари кои веруваат дека единствениот пат за да дојдат на власт е преку соработка со странците.“

По оваа изјава на Вулин и српскиот претседател Александар Вучиќ вчера ја искоментира средбата Ѓилас-Заев во Скопје.

-Немам ништо против тоа. Тој се виде и со Сандуловиќ, тоа е веројатно истото друштво… Имаше уште некои контроверзни бизнисмени таму на вечерата. Но, тоа е се во ред, нормално… Се состануваат претставници на власта со опозицијата, власт со власта … што е тука чудно сега, сè е во ред, рече Вучиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *