Фестивалот „Астерфест“ со промоција во неколку светски филмски центри

Четиринаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, посветен на кусометражните филмски форми, ќе се одржи летово во Струмица.

Основачот и уметнички креатор на „Астерфест“, режисерот Горан Тренчовски, најавува новини во годинашниот фестивал.

– Ќе имаме уште едно интересно фестивалско издание при што ќе направиме пресек на најдобрите кратки форми во склад со зацртаната фестивалска рамка. Уникатноста на концептот и физиономијата остануваат исти, а ќе се обидеме и овој пат да понудиме новитети во поглед на присуство на автори и актуелни програмски содржини. Благодарение на членството во Европската филмска академија и Конференцијата за краток филм, како и патувањата и соработката со светски фестивали, работам на уметничкото фестивалско обликување, а веќе имаме нови засилувања и ресурси во менаџерскиот тим со мојот продуцент Дејан Милошевски, изјави режисерот Горан Тренчовски.

Организаторите најавуваат дека оваа година, во пресрет на следното јубилејно издание, ќе има специјална изложба и промоција на материјали од архивата на фестивалот во неколку светски филмски центри.

Фестивалот и оваа година е поддржан од Агенцијата за филм и општина Струмица.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *