Алаѓозовски: Проблемите во културата ќе ги решаваме според приоритет и заедно

Проблемите во културата се решаваат согласно приоритетите, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски, одговарајќи на прашањето зошто Институтот за културно и духовно наследство на Албанците нема постојан објект, поставено од претеникот Реџеп Мемеди од БЕСА на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Тој истакна дека е сигурно  оти ќе му се пристапи и на овој проблем и додаде дека сепак Институтот има свои простории и не е оставен без можноста да функционира.

– Ако барате директен одговор зошто Институтот нема постојан објект во кој ќе биде сместен тоа не можам да го одговорам, бидејќи по 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ се соочуваме со затекнати состојби. Согласно нашата политика за едно општество заеднички ги решаваме проблемите кои се наталожени и им пристапуваме по принципот на ургентност, рече Алаѓозовски.

Потсети дека Институтот за културно и духовно наследство на Албанците во моментот кога беше формиран имаше свои трајни простории во рамки на објектот Куршумли ан, кој, како што рече, подоцна поради други културни политики е доделен за Културен центар на турската зедница во Македонија и вети дека ќе следи ревизија на договорот.

– Веќе направивме неколку позитивни интервенции. Ја одблокиравме изградба на библиотеката и театарот во Тетово и Албанскиот театар во Скопје, што беа соочени со низа правно нерегулирани права и обврски. Ги расчистивме ситуациите меѓу изведувачите, Министерството за култура и локалната институција која ги спроведуваше и го откочивме тој процес. Воедно обезбедивме доволно средства во буџетот за да можат овие проекти непречено да се одвиваат и да завршат во предвидените рокови, посочи Алаѓозовски.

За институцијата Музеј на албанската азбука, додаде, обезбедивме дополнителни средства со кои од актуелниот сопственик на подолг рок ги закупивме двете простории во приземјето што се дел од објектот и имаме план да ги ставиме во функција на Музејот.

– Владата завчера донесе и одлука за формирање на Ансамбл кој ќе го негува албанскиот фолклор и народните песни, рече Алаѓозовски и потенцира дека прашањата се решаваат заедно.