Утврдена програма за дезинсекција на подрачјето на општина Битола

Советот на општина Битола ја утврди и усвои програмата за дезинсекција на подрачјето на општина Битола во која главен акцент е ефикасно сузбивање на комарците и заштита на населението од појава и ширење на преносливи заболувања, безбедност за луѓето и животните, безбедност на пчелите и други корисни инсекти, а со програмата соодветно внимание се посветува на еколошката свест и одговорност на заедницата.

Според Валентин Груевски, претседател на Советот на општина Битола, програмата е донесена во овој период од годината за навремени и подготовки и ефикасна реализација, планирана за периодот јуни-септември.

– Поволните климатско-биолошки фактори и благите зими во изминативе неколку години исклучително погодуваа за развојот на инсектите меѓу кои и комарците, овозможувајки биолошки оптимум во нивниот развоен циклус. Битола како ендемско подрачје за развиток на маларијата во првата половина на минатиот век е од посебено епидемиолошко значење, а со брзиот развој на транспортот, сообраќајот и комуникацијата на луѓе и стоки во регионот, се потенцира можниот ризик од нови некарактеристични и нови видови на комарци во регионот причинители на повеке заразни болести. По извршените увиди и снимање на теренот на Општината во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола, одлучивме да ја донесеме програмата и планот за контрола на комарците на пошироката територија на Општина Битола, истакна Груевски.

Според програмата, живеалиштата на комарците се лоцирани во повеќе градски и приградски зони, зелени површини, стоечки води, како и по течението на реката Драгор се до утоката со река Црна во индустрискиот дел на градот.

– Програмата ќе ја реализираат стручни тимови на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола кои ќе извршат просторно теристичко распрскување на жариштата на различни површини кои се движат од 200 до 1.000 хектари. Навременото, рационално и континуирано преземање на мерки за темелно следење и контрола на дистрибуцијата на векторските организми е неопходно за заштита на здравјето на населението и спречување на болести кои се пренесуваат преку вектори, и што е најважно, за акциите задолжен е овластен квалификуван изведувач кој ќе ги спроведе мерките според утврдената динамика, и тоа е основен предуслов и гаранција за успешно спроведување на превентивната систематска дезинсекција, нагласи Груевски.

Финансиските средства за реализација на програмата ги обезбеди Советот на општина Битола.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *