ПРОГЛАС ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ

Драги браќа и сестри Македонци,

 

На почетокот од овој мој проглас сакам да упатам огромна благодарност за поддршката која ми давате сиот изминат период. Не постои поголема и поважна потврда за мојата животна борба за Татковината од искрените желби на својот народ. Тоа ми значи најмногу и ме уверува дека сум на вистинскиот пат. Навистина многу Македонци со чиста душа и без скриени намери, ме охрабруваат да се кандидирам на претстојните Претседателски избори. Ги има од различни партии. Ми се јавуваат членови и симпатизери од ВМРО-ДПМНЕ, но дури и од СДСМ. И Албанци, Турци, Роми, Срби и Власи. Најчесто ми велат дека ми веруваат дека знаат дека не се борам за гола власт, привилегии туку дека ги чувствуваат моите намери за Македонија за искрени и патриотски. И сите без исклучок изразуваат незадоволство и признаваат дека се изневерени. Не гласале за ова што им го прави оваа предавничка структура насадена во законодавниот дом и немакедонската Влада.

 

Македонската Алијанса и мојот кабинет ги подготвија сите неопходни документи за мојата официјална претседателска кандидатура. Сите анкети што ги направивме ги потврдуваат високите шанси за успех. Само поддршката од моите сограѓани од родниот Прилеп е најава дека во експресен рок ќе ги соберам потребните потписи да се кандидирам за Претседател на Македонија. Секојдневно стигнуваат пораки од Скопје, Битола, Струмица, Штип, Делчево, Берово, Македонска Каменица, Велес, Кавадарци, Неготино, Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Куманово, буквално од речиси секое населено место. Изборниот штаб е подготвен и чека сигнал. Македонската Дијаспора е со мене и ми дава огромна поддршка. Американски Конгресмени и Сенатори, од Републиканската партија, мои пријатели сакаат да се вклучат во кампањата.

 

Почитувани,

 

Размислував долго. Донесов тешка, но длабоко убеден, единствено исправна одлука! Бидејќи не сакам моите поддржувачи се уште да ги држам во неизвесност сметам дека е разумно и фер сега да соопштам дека сепак нема да се вклучам во оваа Претседателска трка. Не затоа што не сакам, не зошто се откажувам, туку едноставно не можам да го легитимирам ова страшно предавство на Македонските национални и стратешки интереси. Јас не можат да се колнам на Устав на Република Северна Македонија. Оваа гарнитура изроди на Македонскиот народ до толку ќе ја девалвираат функцијата Претседател на Републиката што таа никогаш повеќе нема да го има вистинското значење во Македонското општество и во светот. Дури, не го исклучувам сериозниот ризик од фалсификат на изборите и можноста со ново подмолно сценарио намерно да не се постигне цензус во вториот круг. Впрочем, победата на Претседателските избори, во овие околности не може да биде крај на раздавањето на Македонскиот идентитет. Затоа, нашата борба допрва почнува, и од сега ќе ја подигнеме на друго уште повисоко и позначајно ниво. Бидете сигурни дека јас никогаш нема да се откажам. Се што сум стекнал во професионалниот живот сум подготвен да жртвувам за да ја видам Македонија силна, обединета и економски успешна. Целиот живот се борам за подобра и сигурна иднина на Македонскиот народ. Предавства не трпам и додека сум жив против нив жестоко ќе се борам со сите демократски средства што ни стојат на располагање. Верувам дека до сега тоа сум го докажал на дело!

 

На крајот од овој проглас, сакам да упатам директна порака и до немакедонската Влада. Колку и да сте заслепени во моментов и мислите дека се’ ви се може, не заборавајте дека ја отворивте пандорината кутија. Од тука враќање нема! Додека Македонците во Егејска и Пиринска Македонија, во Мала Преспа, Гора, Голо Брдо, Тирана и Пустец не ги добијат сите демократски и универзални човекови права, нема да запреме. Реципроцитет мора да има! Подготвен сум оваа битка да ја предводам и да ја извојуваме! Тоа е мојата политичка мисија! Никогаш не ми биле важни функциите! И без нив јас се борам и ќе продолжам да се борам! Нема повисока и поважна должност од тоа да бидеш вистински Македонец и патриот!

 

Драги мои Македонци,

 

Не очајувајте! Светото Македонско име и идентитет не се трајно изгубени. Ве уверувам дека постои начин како да бидеме свои на своето! Ќе им стапнеме на опашката на предавниците! Ќе го смениме досегашниот политички систем во кој победува предавничката и „на ти – дај ми“ пазарџиска политика! Никогаш повеќе нема да дозволиме Македонскиот народ да биде жртва на изродена власт која за да ги задоволи своите лични интереси жртвува се’ што е свето! Македонија ќе излезе од калта! Предавниците ќе бидат поразени на парламентарни избори со една изборна единица и отворени листи. Ќе одговараат за сите злодела што ги сторија! Македонија и Македонскиот народ повторно ќе победат!

 

НАЦИОНАЛНОТО ДРЕВНО МАКЕДОНСКО СОНЦЕ ЌЕ ПРОДОЛЖИ СИЛНО ДА СВЕТИ!

 

НАШАТА БОРБА ДОПРВА ПОЧНУВА!

 

НИКОГАШ СЕВЕРНА, МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА!

 

БОГ ДА ЈА ЧУВА ТАТКОВИНАТА!

 

                                                                                        Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

                                                                                                  Претседател,

                                                                                         МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *