Гласини во медиумите – амбалажа за прикривање точни и важни вести

Границата меѓу вистина и невистина во една информација е тенка – од една вистинска вест може да се направи бомбастична со додавање елементи и кога таа ќе се пушти почнува и ширењето гласини т.е. роморењето (од англиски: rumor – гласина). Роморната комуникација опфаќа атрактивни, брзи, непроверени и неточни информации за да се привлече вниманиетo и заради поголема читаност. Обично се земаат преносните значења или споредното за да се покрие нешто што е главно.

– Борејќи се за простор, новинарите сакаат вест што ќе привлече внимание, а кај луѓето најмногу привлекува нешто што е тајно, скришно, па оттаму другите информации што ги пуштаат ги покриваат со нешто што го нарекуваме озборување – ширење гласини. Во сленгот порано тоа се викаше „радио Милева“, „жолт печат“, „патки“… Тоа е сè дел од роморната комуникација – нешто што се пушта и површински ја покрива информацијата, ѝ дава некоја амбалажа, за целата информација во првиот момент да привлече внимание. Понекогаш и од изјавите на јавни личности се вадат информации од контекст и се создава нова приказна, вели проф. д-р Снежана Веновска  од Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“.

Таа е ментор на првата магистерска теза (на Слаѓана Цветковска) за роморната комуникација на постдипломските студии Македонистика со комуникологија, отворени пред седум години во Институтот, на кои од лингвистички аспект се обработува комуникологијата и вклучително роморната комуникација т.е. новиот модел на озборување.

До отворањето на овие студии комуникациите лингвистички не биле истражувани, така што со нив се отвори нов простор за размислување за поставеноста и улогата на јазикот во комуникациите – вербални и невербални. Тоа овозможи да се отворат, вели Веновска,  некои прашања кои ние никогаш јазично не ги разгледувавме.

-Тоа повеќе беше работа на новинарите, на оние што го обработуваат медиумскиот простор. Но во тие анализи јазикот некако не беше третиран како што го третираат лингвистите, кои ја проучуваат семантиката, структурата, односно значењето и елементите – зборовите со кои тоа значење ќе се покрие, додава Веновска.

Насловите во медиумските објави се полни со примери на недоискажаност или преносно значење, а најчесто насочено кон личности од јавниот живот. Таа посочува еден неодамнешен пример: „Ерос Рамацоти доаѓа во Скопје, Тина Тарнер доаѓа на секој негов концерт“. Точно е дека доаѓа Рамацоти, концертот е закажан за септември 2019. Но дали и Тина Тарнер ќе дојде во Скопје – тоа е непотврдено и затоа е во рамки на роморната комуникација. Ова е најблаг пример, вели Веновска, но имаме навистина навредливи работи, лоши за личностите на кои се однесуваат. Роморната комуникација ја има во разни области, а кај нас во последните четири-пет години најактуелни беа политичарите.

-Во насловите, на пример, има кратка информација, со малку јазични средства, елидирани т.е. нецелосни, скратени конструкции. Потоа информацијата почнува да се шири „од уво на уво“, се менува и добива варијанти со додавањата, различни форми и на крајот ќе се обезличи. Тоа е еден начин на модерно озборување. Ако порано чешмата сретсело била место да се шират гласините, сега Фејсбукот е плоштадот. Социјалните мрежи го покажаа врвот на роморната комуникација, зашто кај нив имаме вербална и невербална, фотографии, можности за дополнувања – коментари, повратни информации од кои се гледа какво е влијанието врз другите. Особено кај Фејсбукот може да следиме како реагира публиката – позитивно, негативно, може да видиме дека некој воопшто не ја разбрал пораката, сè до моментот додека се прекине интересот за таа информација и се сервира нова што ќе биде интересна. Затоа се развија емотиконите како невербална комуникација (луто, среќно, задоволно, тажно итн.) и тие ја хранат роморната комуникација, ги шират информациите, истакнува Веновска.

На часовите по Комуникологија со студентите го анализирале јазикот во сите медиуми – кои јазични средства се употребуваат, каква е структурата на реченицата, лексиката, колку се протнува лексика што е вулгарна или навредува,  со кои јазични средства се открива говорот на омразата итн. Ги обработувале и информациите-бомби кои, кажува професорката, кај нас секогаш се поврзуваат политички, затоа што првпат со тој назив се појавија во политиката. Но овој назив е многу постар од она што го имавме ние во политичкиот живот во Македонија зашто информации-бомби имавме и порано, додава таа. Тие повеќе се поврзувале со познати личности, нивните врски со други луѓе, што возат, за музика, филм, спорт…

Бомбастичните објави се лепливи и отсекогаш имале бројни читатели/гледачи желни за жолти и црни вести.  Но од самите медиуми зависи дали ќе им сервираат гласини или ќе му одолеат на роморењето штитејќи го така и својот углед.

-Тоа е и разликата меѓу вистинското новинарство, каде што информациите се проверени  и потврдени, и написите каде на сите можни начини се привлекува публиката, заклучува проф. д-р Снежана Веновска од Институтот за македонски јазик.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *