Баздникин: Потенцијалот на руско-македонската соработка е огромен

Со изрази на сочувство за настраданите во сообраќајната несреќа во која загинаа 14 лица, рускиот амабасадор Сергеј Бездникин денеска го започна пригодното обраќање за изложбата организирана по повод 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Руската Федерација и  Република Северна Македонија.

Тој говорејќи на македонски јазик, нагласи дека историјата на односите меѓу двете земји и двата братски народа не е само четврт век туку е многу побогата и има длабои корени со повеќевековни врски.

-Гледајќи наназад во неодамнешното минато очигледно е дека има многу работи на кои можеме да се потсетиме и да се гордееме. Голем број планови и проекти веќе се реализирани. Во некои работи можеби сме можеле и повеќе, но никогаш не сме наметнувале ништо, не сме се мешале во внатрешните работи ниту имаме намера да го правиме тоа во иднина, рече амбасадорот Баздникин.

Тој подвлече дека потенцијалот на руско-македонската соработка е огромен.

– Русија се залага за натамошно унапредување на соработката со Македонија, толку блиска и интензивна колку за тоа е подготвена македонската страна за проширување на истата. Убеден сум дека развојот на билатералните релации ќе одговара на очекувањата на народите на нашите две земји, на интересите на мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот, но и во цела Европа, рече рускиот амбасадор, кој сподели дека токму тој ја превел нотата од 1993 година пристигната од тогашна Република Македонија за воспостваувањето дипломатски односи меѓу двете земји.

Пораката од име на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој не присуствуваше поради трагичната сообрачајна несреќа, ја прочита амбасадорот Оливер Крлиу. Во неа се потсетува дека дипломатски односи со Руската Федерација беа воспоставени на 31 јануари 1994 година, значаен и сложен период за нашата земја. Овој чин на пријателска Русија со кој беше поддржано нашето право на самооппределување и независност на нашата држава, засекогаш ќе остане врежан во нашата национална меморија. Отогаш се посочува, добрите стабилни и пријателски односи се развиваат и денес се движат во вистинска насока особено кога е во прашање соработката во економијата, културата, образованието.

-Светот во кој живееме за жал не соочува со нови предизвици и бројни непознати. Заканата за светскиот мир и стабилност се постојано присутни и бараат од нас и активност од секој член на меѓународната заедница. Заедничка ни е загриженоста за глобалните и регионалните проблеми. И покрај тоа што понекогаш може да имаме разлики во анализите и во пристапот кон решавањето на проблемите, заедничка ни е потребата и настојувањето на нашите деца да им оставиме побезбеден и подобар свет за живеење. Во овие тешки времиња најважно е трпеливо да ги бараме и да ги пронаоѓаме оние заеднички основи што го поврзуваат човештвото. Република Северна Македонија и Руската Федерација, македонскиот и рускиот народ ќе продолжат по тој пат и во иднина, потпирајќи се на вековната мудрост, вродената трпеливост и традиционалното пријателство, се наведува во писмото од Димитров.

Изложбата, која беше отворена во холот на Македонската филхармонија, е посветена на историјата на руско-македонските односи, а е изготвена во соработка со Државниот архив на Република Северна Македонија. с

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *