Меѓународните фестивали од Куманово „Денови на комедија“ и „Тамбурашкиот фестивал“ не добија средства од Министерството за култура

Реномираните меѓународни фестивали, „Денови на комедија“ и „Тамбурашкиот фестивал“ не добија ниту денар од Министерството за култура. Двата фестивала се избришани од годишната програма, информираа на денешната прес-конференција надлежните од кумановскиот Центар за култура и Фондацијата за култура и спорт. Директорите на установите, посочија дека очекуваат комисијата од Министерството за култура повторно да ја преиспита донесената одлука и да додели средства за фестивалите. Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски, рече дека аплицирале во јуни, минатата година со потребната документација.

– Очекуваме да се исправи одлуката и ќе се доделат потребните финансиски средства и да добиеме позитивен одговор, изјави Тодоровски, нагласувајќи дека фестивалот годинава треба да се одржи по 22 пат.

Тој истакна дека побарале 2.5 милиони денари за оваа година. Претходните години министерството доделувало во просек по 800.000 денари. Фестивалот, посочи, е реномиран, со учество на бројни театри од државата и странство со над 9.500 публика на годишно ниво. Во однос на останатата програма, рече дека се генерално задоволни, бидејќи се одвоени средства за пет театарски проекти, три на македонски, две на албански. Најави дека ќе почне реконструкцијата на театарот и оти се обезбедени средства за подготовка на проектна документација.

Директорот на Фондацијата за култура и спорт од општина Куманово, Нино Величковски очекува комисијата да ја преиспита одлуката и да додели средства за „Тамбурашкиот фестивал“, што годинава треба да се одржи по јубилеен петнаесетти пат.

– Наместо да добиеме повеќе средства, ние годинава не добивме ниту денар. Се поставува прашањето дали комисијата направила превид за проектите од Куманово во предвечерието кога прославуваме пет века Куманово и година кога аплициравме за град на културата. Ги замолувам комисиите да ја преиспитаат одлуката, без да ги обжалуваме постапките, но ќе ги примениме сите легални постапки, бидејќи кумановци, плаќаат даноци и очекуваат богата културна програма, изјави Величковски.

Додаде дека изминатите години, на фестивалот учествувале преку 140 тамбурашки оркестри од Македонија и другите држави, а добивале во просек по 150.000 денари на годишно ниво.

Директорот на НУ Музеј-Куманово, Богдан Таневски, пак изјави дека генерално оваа установа е задоволна од добиените проекти, единствено посочи, добиени се значително помалку средства за реконструкција на спомен куќата на Христијан Тодоровски Карпош и дека не се добиени средства за „Музејски гласник“ што годинава треба да се објави, бидејќи установата слави 55 години од постоењето.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *