Со задоволство ја прифатив поканата за средба со уметникот, карикатурист и стрип-мајстор Златко Крстевски. Сакав да го видам творечкото катче на уметникот кој ја започна оваа година со големо достигнување – Музејот во јапонскиот град Саити откупи негово дело. Ќе биде овековечено во земјата на изгрејсонцето.
Работи во својот стан во центарот на Прилеп. Скромно е. И сé е во знакот на уметноста. На сите страни уметнички дела, листови карикатури, стрипови, четки, бои, каталози, признанија. Секој метар простор е раскошна уметност, а скромност на уметникот. И без да прашам знам – уметноста е сé во животот на Крстевски. Цели 35 години.
Со извинувачка насмевка вели: „Не ми е средено. Да направам место за седење“. Но, нема време за тоа ако почнете да ги разгледувате делата, признанијата, да ја впивате уметноста на Крстевски. А во меѓувреме –разговорот тече.
Почнал со сликарството, се префрлил на карикатурата и стрипот. Иако и сликарството не го напушта. Како се случи преминот од еден во друг уметнички израз? Крстески едноставно вели – го барав најдобриот израз на моите чувства.
-Сѐ почна 1983 година кога испратив карикатура на Светската галерија на карикатури во Скопје. Oттогаш сум учествувал на многу меѓународни изложби. При срце ми е карикатурата. Низ неа ги кажувам своите пораки. На брз, лесен и едноставен начин. И тоа успева со обични кротки движења, со обичен цртеж. За разлика од тоа, сликарството е многу напорен и скап занает. Mаслото на платно, на пример, е скапа техника и денес, многу неисплатлива. Сега е нов, 21 век. Во современата уметност се прелеваат изразите – од уметноста во карикатурата и обратно. А оттука и во стрипот. Нема граници помеѓу уметноста. Сега дојдовме до моментот кога се претставува уметноста преку новите технологии, разликата речиси и не постои, вели Крстевски.
Светот доволно го знае Крстевски. Импресивен е неговиот пат низ светските изложби, работилници, музеи. Го има во повеќе меѓународни антологии во Јапонија, Во 1990 година учествувал на Цетинскиот салон на современа ликовна уметност во Црна Гора, во музејот Миа во Саитама во Јапонија, а во 1995 година во „Сохо“ галеријата во Њујорк. Во 2004 година е дел од голема годишнина – 200 години од Санкт Петербург. Дело на Крстевски се најде на насловната страница на луксузниот каталог од тамошниот музеј на комуникации. Станува збор за околу 50-ина награди: награда за графика од 1999 година од Америка, награда од Кина во 2005 година, потоа награда од Копер во 2007 година од тамошниот фестивал за хумор, во 2008 година награда од Украина, од Музејот на историја и религии…Сите се мили и при срце, ама муабетот врти кон она последното признание во Јапонија.
-Посебно ме радува што оваа година имав откуп на дело од музеј од Јапонија. За нив сум можеби анонимец. Но откупија мое дело и за мене е посебна вредност, зашто, знаеме, колку Јапонците ја ценат уметноста. Делото беше тематско, а темата беше „Железница“. Станува збор за нивна трансферзала до Токио, а уметникот требаше да се инспирира. Интересно и импресивно е што на каталогот е потпишан градоначалникот на Саитама Сити. Свое обраќање имаше и кустосот на музејот. А ова беше посебна чест, со нескриено задоволство раскажува Крстевски.
На шега прашувам како ќе ги троши парите, а тој сериозно вели – ги платив сметките и интернетот.
Светот го познава Крстевски, но што се случува во Македонија со уметноста, стрипот, карикатурата.
-Во 1987 година во тогашниот „Студентски збор’ имаше голем ентузијазам и сите објавувавме стрипови. Тогаш, главен и одговорен уредник беше Мице Јанкуловски кој сега е прв човек на светската галерија на карикатури и цртежи во Скопје. Имаше голем ентузијазам да се работи, да се објавува. Сега нема печатен медиум каде може да се објави нешто. Нормално, и достојно да се валоризира, вели Крстевски.
Името на Златко Крстевски, рамо до рамо, се наоѓа со потписите на Димитар Чудо, Ане Василевски.
– Бев член во Друштвото на карикатуристите на Македонија кога порано постоеше. За жал, сега го нема. Многу асоцијации се растурени, распрснати, раскарани поради средства, пари. Сега сум член на Друштвото на ликовните уметници на Битола. Изложувам свои платна. Кога пропадна печатениот медиум, кој одвреме-навреме живурка, карикатурата се изгуби. Веројатно, сите почнаа да преземаат туѓо од интернет. Македонија и Србија беа познати по карикатурите и стриповите. Сé до 2000-та година. Доста автори заминаа во странство, на пример Канада, Австрија. Таму подобро се снаоѓат и имаат услови за работа, раскажува помалку носталгично Крстевски.
Ако стрипот имаше експанзија 60-ите, 70-ите години, слично е и со карикатурата. Таа денес прави втора експанзија. За неа има многу инспирација.
-Сé што се случува во светот е инспирација за карикатуристите. Некои, сведоци сме, се на црната листа поради карикатурите. А карикатурата, колку и да е необично, е многу прифатена во Турција, во Иран. Еве, во Турција, прва награда за карикатура е 8.000 долари. Тоа е уметничка, а не комерцијална карикатура. Кога сме кај стрипот, и тој денес го има својот „кам бек“. Во Америка се издава речиси секојдневно. Тој е како концептуална уметност за да се направи филм во Холивуд. Стриповите се сега во форма на филм. За жал, кај нас, не е така. Претходно се работеа некои патриотски стрипови, веројатно тоа беше начин да се повлечат средства за да направат комерцијални и ангажирани потези, вели Крстевски.
Инспирација за карикатурата има на секој чекор: од дневните политички ситуации: од еколошките катастрофи, глобалното затоплување, општите светски катастрофи, гладот, Балканот е секогаш инспиративен.
Уметникот, карикатурист, стрип-мајстор отворено вели дека во Македонија недостасува поддршка за новата, алтернативна, модерна струја, наспроти претходно поддржуваната патриотска струја.
-Треба да се поддржи уметноста, а не да се враќаме назад. Потребни се современи, напредни идеи; современа уметност и карикатрура. Како уметници треба да имаме простор за творење. Градските власти тоа го обезбедуваат за уметниците кои останале во државата. Таква е ситуацијата во соседна Србија, во Панчево. Пред неколку години тоа го имаше во Битола. А треба да има во сите градови, уверен е Крстевски.
Во својот повеќе од скромен дом во Прилеп, Крстевски признава – тешко е да се живее во мало место и да се занимаваш со планетарна уметност. Ама од својата уметност не се откажува, по никоја цена.
-Ако немаш современи технички средства (компјутер, интернет, што одреден период и немав) тешко човек ќе се снајде. Но, не се откажувам од уметноста, иако таа чини средства. Се снаоѓам. Учествувам на сите можни меѓународни конкурси. Испраќам по брза пошта. Тоа најмногу го сакаат Светските галерии, а не електронски, по Интернет. Бараат делата, сликата или цртежот да бидат рачно потпишани од уметникот. А многу малку се бара да се испратат по интернет. Тоа се сфаќа како несериозно. Сé уште се бара автентичноста, вели Крстевски и веднаш го продолжува разговорот каде на други меѓународни конкурси и изложби „ќе отпатува“. Односно – неговото ново дело.
И, иако живее во мал, скромен дом, уметникот, карикатурист и стрип мајстор Златко Крстевски го обиколува светот, веќе 35 години.