Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамки на неколкудневна работна посета на Вашингтон, во американскиот Конгрес оствари повеќе средби, а меѓудругите и работна средба со новиот претседавач со Комитетот за надворешна политика во Конгресот, Елиот Ејнџел.
-Како никогаш порано, целиот регион на Западен Балкан се наоѓа под влијание на засилен европски и евроатлантски моментум, во кој Македонија, со своето однесување и евроатлански успех, има важна улога во засилување на ова влијание, истакна Османи на средбата, изразувајќи огромна благодарност до конгресменот Ејнџел, чија улога во создавањето на западната ориентација на целиот балкански регион е недвосмислена.
„Со вашето присуство, залагање и поддршка оставивте неизбришлива трага во имплементирањето на западните вредности на регионот на целиот Балкан, на чии основи е изграден и денешниот успех во напредокот на целиот регион, како и во нашиот успех да ја оствариме нашата основна амбиција – членството во НАТО“, истакна Османи на средбата, упатувајќи притоа честитки за новата позиција до конгресменот Елиот Ејнџел, како претседавач со Комитетот за надворешна политика во Конгресот на САД.
-Оваа нова функција нѐ упатува на натамошна идна соработка, за што, како добар познавач на регионалните прилики, очекувам да има уште поголемо позитивно влијание врз имплементацијата на западните вредности на Балканот, истакна Османи.
Конгресменот Елиот Ејнџел му го предаде на Османи писмото, со кое тој како претседавач на комитетот за надворешна политика на американскиот Конгрес, заедно со конгресменот Мајкл МекКол, кој, исто така, е член на комитетот, му се обраќаат директно на државниот секретар Мајкл Помпео, за поддршка на Македонија во нејзините евроатлантски аспирации, за што во писмото наведуваат дека претставува директен интерес на САД и нејзините сојузници.
Претходно Османи учествуваше и на традиционалниот молитвен појадок во организација на американскиот претседател, Доналд Трамп, а во рамки на посетата на американскиот Конгрес оствари средби со конгресменот Стив Стилерс, кој до јануари оваа година ја вршеше функцијата претседател на Националниот Републиканскиот комитет во Конгресот на САД, а во рамки на посетата на Сенатот, Османи оствари средба и со сенаторот Рон Џонсон, кој воедно е претседавач и со Комитетот за домашна безбедност и владини прашања при Сенатот на САД.