Иницијативата „Канцерогено општество“ за утре пред Собранието на Македонија најави нов протест против загадувањето на амбиенталниот воздух.
Целта на здружението е преку заедничко дејствување на разни еколошки организации, активисти и граѓани да се изнајдат решенија за проблемот со загадувањето.
-Долготрајната изложеност на ПМ- честичките ја зголемува вкупната смртност во просек за шест отсто. Секојдневно се зголемува бројот на карцерогени и кардиоваскуларни болести, а сето тоа се должи на загадениот воздух на кој се изложени граѓаните. Додека ни снемува чист воздух, донесувачите на одлуки и годинава не испорачаа соодветен буџет и сеопфатна стратегија за горливиот проблем со загадувањето, истакба во изјава за медиумите членот на иницијативата „Канцерогено општество“, Анастасија Ивановска.
Во моментот Македонија е четврта земја во светот, а втора во Европа, по заболување од канцер на белите дробови.
-Едно од клучните барања на нашата организација е решавање на сите жешки еколошки точки во рок од една година, како што се: Охис, Јегуновце, РЕК Битола, Железара и Дрисла. Исто така, треба да се воведе нова технологија за решавање на регионалните депонии што се под локална власт, и создавање национален план за селектирање и рециклирање на отпадот, изјави членот на иницијативата „Канцерогено општество“, Андреј Саревски.