Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан денеска ќе престојува во работна посета на Турција, каде ќе учествува на 22. Евроазиски економски самит и ќе има средби со претставници на бизнис заедницата, меѓу кои и големи компании што покажале интерес за инвестирање во Македонија.
Според најавата, пред учесниците на Евроазискиот економски самит во Истанбул, министерот Хасан ќе има обраќање на тема „Интегрирање на Република Македонија во ЕУ и НАТО и можностите за инвестирање”. Тој ќе ги презентира поволностите за инвестирање во Македонија и очекуваната подобрена економска клима што ќе следи со интегрирањето во НАТО и ЕУ.
На самитот, како што соопшти Кабинетот на министерот Хасан, ќе учествуваат актуелни и поранешни претседатели, премиери, министри, личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците од 40-тина држави.
Организатор на Евроазискиот економски форум е Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања чија цел е унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од Централна Азија и Блискиот Исток.