Усвоен буџетот на општина Тетово

Со 16 гласа за од вкупно 31 советниците на општина Тетово го усвоија буџетот на општината за идната година.

– Буџетот е во висина од околу 1,9 милијарди денари или 30 милиони евра и има развојна компонента со големи инфраструктурни проекти како завршување на булеварите „Видое Смилевски Бато“ и „Илинденска“ на излезот кон Гостивар за што е добиен и кредит од Светската банка од 2,2, милиони евра, посочи градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Таа ја истакна подршката од поголемиот број советнички групи за изгласување на буџетот.

– Советниците покажаа дека колективните интереси се вон дневната политика, бидејќи општинскиот буџет е главен инструмент за проекција и реализација на програмите и проектите од интерес на граѓаните. Ги повикувам моите колеги градоначалници, сопартијци и советници секаде во општините каде има сличен проблем да го следат денешниот пример од Советот на општина Тетово по прашањето на буџетот, а потоа ние ќе продолжиме да делуваме како политички личности, рече Арифи.

Посочи дека седницата покажала дека има стабилно мнозинство и советници што ќе работат и ќе го дадат својот придонес за реализирање на проектите во интерс на сите во општината.

Со денешната втора седница на советот на општина Тетово претседаваше втората најстара советничка Џулшен Нухи од Демократската партија на Турците откако од општинската администрација информираа дека советникот на ДПА, Аднан Биљали нема да присуствува на седницата.

Пред усвојувањето на дневниот ред сите пет советници од ВМРО- ДПМНЕ ја напуштија седницата повторно во знак на протест за приведувањето и притворањето на дел од учесниците во настаните од 27 април во македонското Собрание.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *