Средба Заев – Даниелсон за ЕУ перспективите на Македонија

Директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, кој од вчера престојува во Македонија, денеска во Владата ќе има средба со премиерот Зоран Заев.

Даниелсон вчера се сретна со шефот на дипломатијата Никола Димитров. Било разговарано за европските перспективи на Република Македонија и очекувањата за напредок во претстојниот период.

Димитров го информирал Даниелсон за тековните активности поврзани со стапувањето во сила на Преспанскиот договор и заложбите за остварување понатамошен напредок во реформските процеси. Се осврнал и на досега постигнатите резултати во процесот на реформи во исклучително сложени внатрешни и надворешни околности, нагласувајќи дека силната политичка волја останува суштински дел од процесот. Димитров изразил очекување дека реформските резултати и крупните чекори во унапредувањето на добрососедските односи ќе обезбедат доволно аргументи за земјите членки да донесат одлука за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година.

Даниелсон, како што соопшти МНР, упатил честитки за чекорите поврзани со стапувањето во сила на Преспанскиот договор и укажал на неговата важност за регионот и пошироко, како пример за добра дипломатија и надминување на високо сензитивни прашања. Тој го поздравил и текот на досега постигнатото на планот на домашните реформи, со очекување за уште позасилена работа и резултати во клучните области во периодот до Европскиот совет во јуни.

Даниелсон во текот на вшерашниот ден имаше средба и со независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.

Директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, на крајот од посетата на Македонија ќе одржи прес-конференција во ЕУ инфо центарот во Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *