Хартман: До пролетта 2020 година ќе ве дочекаме како полноправна членка на НАТО

Ратификацијата на пристапниот протокол варираше во неколкуте кругови на прием на нови членки што ги имаме зад нас, но се надевам дека до пролетта 2020 година ќе бидеме во можност да ве дочекаме како  полноправна членка на нашиот сојуз, вели во интервјуто дадено за 360 степени Тања Хартман, претставничка на НАТО – Сектор за политички прашања и безбедносна политика,  задолжена за водење на доесието за Македонија.

Кога ќе биде потпишан пристапниот протокол со идната Република Северна Македонија?

– Ние во следните денови ќе го идентификуваме датумот за потпишување на пристапниот протокол. Прво, има неколку административни процедури што мора да ги завршиме и штом тоа е готово, ќе можеме да одредиме датум за состанок на Северноатлантскиот совет на кој ќе се случи потпишување на пристапниот протокол.

Некои земји-членки имаат комплицирани внатрешни процедури, кога станува збор за давање согласност на нивните постојани претставници во НАТО да потпишат пристапен протокол. Дали ова може да влијае на целата процедура?

– Секој од 29-те сојузници има своја посебна домашна процедура за добивање дозвола за потпишување на пристапниот протокол. Но, не би ја нарекла таа процедура комплицирана или комплексна. Таа е, едноставно, вообичаен дел од демократскиот процес. Јас очекувам дека за неколку недели ќе бидеме подготвени за потпишување на пристапниот протокол, но не гледам некакви екстремни одложувања во врска со тоа.

Дали Република Северна Македонија ќе седне на масата на НАТО веќе на следниот состанок на министрите за одбрана?

– Штом го потпишеме пристапниот протокол идната Северна Македонија ќе ни се придружи на масата, заедно со другите земји-членки, на сите состаноци на НАТО. Ако пристапниот протокол се потпише пред состанокот на министрите за одбрана, ако тоа е случај, тогаш апсолутно министерот за одбрана ќе биде присутен на состанокот на министрите за одбрана во средината на февруари. Би сакала да ја искористам оваа прилика да го повторам она што во петокот веќе го изјави генералниот секретар кога ја поздрави ратификацијата на договорот од Преспа во Атина, кога кажа дека се радува што ќе ја пречека идната Северна Македонија во нашето семејство.

Во која временска рамка очекувате да заврши целиот процес на ратификација на пристапниот протокол?

– Ратификацијата на пристапниот протокол варираше во неколкуте кругови на прием на нови членки што ги имаме зад нас. Можам да го посочам примерот на Црна Гора, кога тој процес траеше 12 месеци и очекувам дека грубо, тоа ќе биде истото потребно време кое може да го очекуваме и во овој случај. Се надевам дека до пролетта 2020 година ќе бидеме во можност да ве дочекаме како  полноправна членка на нашиот сојуз.

Кои се следните чекори во реформите што се бараат? На пример, дали очекувате да заврши процедурата на проверка во разузнавачките служби?

– Реформскиот процес е навистина многу важен дел од целиот пристапен процес. Тој реформски процес се случува не само за време на пристапот туку и потоа. Тоа е долгорочен тековен процес на интеграција и реформи, со цел да се стане полноправна членка и потполно способен сојузник. Има неколку поглавја на кои сојузниците укажаа дека би сакале да видат напредок во реформите. Разузнавачкиот и безбедносниот сектор се едни од нив. Но, тоа не се единствените. Сојузниците, исто така, сакаат да видат напредок и во владеењето на правото, независноста на судството и одбранбените способности. Вооружените сили на вашата земја веќе се веродостојно способни и сме се бореле покрај нив и сме служеле со нив во Авганистан. Очекуваме да работиме со нив за уште повеќе да ги зајакнеме нивните одбранбени способности.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *