Едиторијал на „Ле Монд“: Договорот со Грција за новото име на Македонија – добра вест за Балканот

Париски „Ле Монд“ со редакциски коментар се осврнува на гласањето за Преспанскиот договор во полза на Република Северна Македконија, од страна на грчкиот Парламент. Според  угледниот француски дневен весник, „треба да се поздрави ова гласање, со кое се отвора патот за интеграција на оваа мала држава во западната заедница“, јавува дописникот на МИА.

„Ле Монд“ нагласува дека „можностите за прослава на победите над национализмот денес не се многу чести и тоа е добрата вест од Балканот. Значи да се радуваме два пати, по гласањето на парламентот во Атина, на 25 јануари, во корист на договорот помеѓу Грција и поранешната Југословенска Република Македонија, со што се отвора патот за интеграција на оваа мала држава во Западната заедница.“

Десет дена откако тоа го направи парламентот во Скопје, грчкиот парламент со тесно мнозинство, го одобри Преспанскиот договор, потпишан во јуни 2018 година меѓу владите на двете земји, со кои се воспоставува официјалното име Република Северна Македонија, за кој жестоко се преговараше од Атина со поранешната југословенска република. Од 1991 година, Грција се противи таа држава, по  распадот на југословенската федерација, да носи исто име како и нејзиниот регион, Македонија, потсетува коментаторот на весникот.

– Овој среќен крај најпрво треба да му се припише на грчкиот премиер Алексис Ципрас и на неговиот македонски колега Зоран Заев. Обвинети за предавство од страна на нивните противници, тие храбро ја издржаа насилната кампања, поддржана со големи демонстрации, за да ги надминат тензиите и да стават крај на кавгата стара речиси триесет години.“

„Ле Монд“ потсетува дека „Заев се соочи со противењето од страна на својот националистички претседател Ѓорге Иванов, следбеник на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е осуден за корупција и сега е засолнет во Унгарија, под заштита на Виктор Орбан.“

Ципрас, потсетува весникот „виде како неговата коалиција паѓа откако неговиот министер за одбрана, Панос Каменос поднесе оставка неколку дена пред гласањето во Парламентот. Тој не можеше да смета ниту на поддршката на десничарската партија Нова демократија, која е сепак предводена од проевропски настроениот Киријакос Мицотакис, кој го задржа своето противење на договорот.“

Скопје, според „Ле Монд“, во меѓувреме, умееше да стави крај на ескалацијата на реториката и симболите, потхранувани од страна на Никола Груевски кој беше на власт од 2006 до 2016, и неговите статуи подигнати во слава на Александар и Филип Македонски.

„Посветеноста на Европската унија, Вашингтон и на Обединетите нации беше одлучувачка во туркање на двете земји за компромис, додека во позадина Русија се обидува да ги постави своите пиони“, анализира весникот.

Блиската перспектива за влез на Северна Македонија во НАТО и подалечното  пристапување во ЕУ беа клучни. Во септември 2018 година, неколку европски лидери, посебно германските го посетија Скопје за да го одбранат референдумот за промена на името.

Оваа поддршка, сепак, предизвика впечаток дека договорот е наметнат одгоре. Искористено од страна на теориите на заговор, тој аргумент придонесе за низок одѕив на референдумот, бојкотиран од страна на опозицијата. По неуспехот на консултациите, социјалдемократот Зоран Заев требаше да ја употреби сета своја вештина за да  убеди две третини од пратениците  да гласаат за промена на името, посетува коментаторот на „Ле Монд“.

– Сликата нема да биде комплетна без поддршката, дадена само неколку дена пред гласањето на грчкиот Парламент, која Алексис Ципрас, лидерот на радикалната левица  ја доби од страна на германската канцеларка Ангела Меркел, со која тој се бореше, обидувајќи се да најде помалку тежок излез за Грција за време на должничката криза. Преземајќи го ризикот да оди  против поголемиот дел од јавноста, неколку месеци пред новите парламентарни избори, Ципрас го консолидираше својот статус како државник“, завршува францускиот дневен весник.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *