Османи – Даниелсон: Преспа го отвори патот, планот 18 ќе не одведе до старт на преговорите

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска оствари работна средба со Директорот на Директоратот за проширување при Европската Комисија (ДГНЕАР), Кристијан Даниелсон, на која било разговарано за реформите и очекувањата на ЕК во пресрет на Извештајот за земјава.

Османи, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата посочил дека имплементацијата на Договорот од Преспа ни го отвори патот, а имплементацијата на реформите од Планот 18, ќе не одведат до стартот на преговорите. Тој, исто така, изразил задоволство од досегашната динамика при реализација на Планот, но и од посветеноста на клучните министерства кои ги испорачуваат реформите.

– Имаме напредок практично во сите области: целосна одвоеност на агенцијата за следење на комуникациите од безбедносните служби; напредок во донесувањето на клучните закони од правосудството; нов закон за Комисијата за спречување корупција; а секако напредок има и во спроведувањето на стратегијата за професионализација и деполитизација на администрацијата, истакнал Османи, посочувајќи притоа и на квалитетот на подготвените реформи, чија имплементација ги минува сите филтри на инклузивност на граѓанскиот сектор, консултации и со опозицијата, но и проверка со телата на Европската Комисија, Советот на Европа и венецијанската комисија, ГРЕКО, итн.

Османи и Даниелсон, се вели во соопштението, размениле мислења и за очекувањата на Европската Комисија во пресрет на Извештајот за земјава, кој ќе претставува основно мерило за подготвеноста на земјата, и главниот параметар по кој очекуваме потврда на одлуката за почеток на преговорите на јунските самити на Европската унија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *