Се уште нема договор за комисијата што ќе го селектира новиот состав на Антикорупциска

Политичките партии се уште не постигнале договор за членовите на комисијата за селекција на кандидати за претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, а и Владата ги нема доставено двата предлога. Ова се причините поради кои собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата, оваа точка наместо како прва ја стави последна на денешната седница.

– Во текот на денот или најдоцна утре ќе свикам продолжение на оваа седница поврзана со формирањето на комисијата за селекција на Антикорупциската комисијата. Се уште ги немаме добиено двата предлога од Владата и се уште немаме прецизна информација од страна на пратеничките групи за соодносот внатре. Треба да има двајца претставници од власта и двајца од опозицијата, но има повеќе од две пратенички групи и во власта и во опозицијата. Консултациите во пратеничките групи се во тек, рече претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Илија Димовски.

Тој појасни дека доколку не завршат консулатациите, до утре ќе има продолжение на седницата по оваа точка и ќе се гласа бидејќи, како што посочи, има утврдени рокови.

Потенцира дека ќе упатат и урегенција до Владата за да ги достави нејзините два предлога за комисијата за селекција.

Инаку, собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска расправаше по повеќе предлог одлуки за именување претседатели, потпретседатели, членови и заменици на членови на повеќе комисии.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *