Заев – Шарец: Земјите од регионот влегуваат во ера на траен мир и поврзување за економски напредок

Новиот амбиент што се отвора за регионот со решавањето на спорот за името, како и со забрзувањето на интегративните процеси и во другите земји на Западен Балкан, е од особен интерес и за Словенија. Тоа ја отвора можноста и за придобивки од економските потенцијали во регионот, констатирале премиерот Зоран Заев и неговиот словенечки колега Марјан Шарец на денешната средба на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев на средбата го информирал Шарец за текот на имплементацијата на договорот од Преспа како решение за отвореното прашање со Грција и дека неговото затворање е заеднички влог за траен мир и просперитет на Балканот.

Инаку, оваа прва средба со словенечкиот премиер Шарец, премиерот Заев ја искористил да му честита на неговиот колега за изборот за Претседател на Владата на Словенија и да му посака успех во реализацијата на мандатот. При тоа двајцата премиери ги констатирале одличните односи меѓу двете земји, меѓу кои нема отворени прашања и кои негуваат динамична соработка во повеќе области.

-Премиерот Заев ја изрази својата, и благодарноста на Владата на РМ, како и на граѓаните на нашата земја за континуираната и суштинска поддршка што Република Словенија ѝ ја дава на Република Македонија во аспирациите за членство во НАТО и ЕУ. Тој го информираше словенечкиот колега за актуелните процеси што ги презема Република Македонија за оваа година да отпочне ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во Алијансата, како и за спроведувањето на реформите како предуслов за отворање на поглавјата во преговорите со ЕУ, се наведува во соопштението.

На средбата меѓу премиерите Заев и Шарец, на која присуствуваа и заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши, станало збор за унапредување на економската соработка, за придобивки на граѓаните на двете земји, особено во индустријата, земјоделство и туризмот, стои во соопштението.