Мета: Влезот на Македонија во НАТО дополнителна гаранција за безбедноста во регионот

Албанскиот претседател Илир Мета, на средба во Тирана со Командантот на воздухопловните сили на НАТО, генерал Тод Волтерс оценил дека зачленувањето на Македонија во Алијансата е гаранција повеќе за безбедноста во регонот.

– По пристапот на Црна Гора, долгоочекуваното членство на Македонија во НАТО ќе биде дополнителна гаранција за безбедноста и стабилноста во регионот, оценил Мета.

Тој нагласил дека на десетгодишнината од членството на Албанија во НАТО и 20 години по воената интервенција на Алијансата, со која се „ставил крај на геноцидот во Косово и во регионот“, Албанија и Албанците никогаш нема да заборават и секогаш ќе останат благодарни на САД и НАТО.

Мета изразил посебно задоволство од изборот на Кучово, како локација за модерната воздухопловна база на НАТО, што е знак на доверба и благодарност што Алијансата ја има за Албанија и нејзиниот придонес во безбедноста на регионот.

– Воздухопловната база на НАТО во Кучово е стратешка инвестиција, како за нашата национална безбедност, така и за регионалната, смета претседателот Мета.

Според него, Албанија е заинтересирана за понатамошно зајакнување на НАТО, како од политички, така и од воен аспект и гарантирал дека е подготвена да ги исполни не само сите обврски, туку и да преземе нови одговорности.

На денешната заедничка прес-конференција на генерал Вотерс и министерката за одбрана Отла Џачка беше најавено дека во рок од неколку месеци ќе биде подготвен мастер-планот од Агенцијата на НАТО за набавки и поддршка – НСПА, што го отвора патот за започнување на работите на терен.

– Воздухопловната база на НАТО во Кучово е извонредна вест не само за нас, туку и за целиот регион, за безбедноста на целиот регион, рече Џачка.

За првата фаза од работата, НАТО ќе одвои 50 милиони евра, со цел да го претвори Кучово во база за опрема, логистика, обуки и вежби.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *