Заев, Анѓушев и Бектеши на Светскиот економски форум во Давос

Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши од денеска до 25 јануари ќе бидат дел од годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, на кој учествуваат шефови на држави и влади, други државни претставници, како и лидерите на најголемите компании во светот.

Премиерот Заев на форумот во Давосќе оствари повеќе работни состаноци и билатерални средби со потенцијални инвеститори, бизнис лидери и соработници.

Како дел од активностите, информираат од владината прес-служба, премиерот Зоран Заев ќе има средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Средбата е планирана за четврток,  24 јануари.

Меѓу средбите со политичките и економските лидери, во агендата на премиерот Заев се и состаноци со премиерот на Република Словенија Марјан Шарец, со министерот за здравство на Владата на Сојузна Република Германија Јенс Спан, со извршниот директор на Гугл, како и со други лидери и високи претставници на компании на панел дебатите и неформалните собири што ќе се одржат за време на најголемиот светски економски форум.

Претседателот на македонската Влада е поканет да земе збор и да учествува на дебата „Креирање на силно партнерство за економски раст и мир на Западен Балкан“, на форумот „Иднината на Трансатлантската алијанса“, како и на други форуми и дебати за поврзување во светот на глобалната архитектура на економиите.

Вицепмериерот Анѓушев, пак, ќе има повеќе средби со претставници на бизниси и компании, а министерот за економија Крешник Бектеши, меѓу другото, ќе учествува на средбата на министрите коспонзори на Заедничката декларација за е-трговија.

Главната тема на годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, кој секоја година ги собира најголемите и највлијателните светски лидери е Глобализација 4.0, во чии рамки ќе се дебатираат и иднината на економиите, ризиците на економските опоравувања, иднината на работните места, и други теми.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *