Општина Берово од утре започнува акција за заловување кучиња скитници

Општина Берово од утре започнува со акција за заловување на кучиња скитници.

Како што истакна денеска градоначалникот Ѕвонко Пекевски, oпштината има законска обврска да врши заловување и третирање кучиња скитници а за таа цел е избран лиценциран оператор кој преку повеќе акции кои ќе бидат спроведени на територијата на општината ќе ги заловува и третира кучињата скитници.

– Јавно ги информирам сопствениците на кучиња на територијата на општината дека почнувајќи од утре ќе се врши заловување на кучиња скитници на територијата на градот и населените места. Но, доколку се залови куче коешто има сопственик, освен трошоците за заловувањето коешто ќе треба да ги поднесе самиот сопственик, ќе му следува и глоба согласно со Законот за комунални дејности, Одлуката за комунален ред и Законот за благостостојба на животните, рече Пекевски.

Тој испрати апел до сопствениците на кучиња да се грижат за нив и да не ги пуштаат слободно низ градот, бидејќи нивната анализа покажала дека најголем дел од кучињата кои се водат како скитници имаат сопственици.

– Со цел успешно спроведување на акциите за заловување на кучиња скитници, апелираме до сите сопственици да ги чуваат своите кучиња и да се грижат за нив согласно со законските прописи. Во Закон за благосостојба на животните стои дека кучињата кога се на јавно место треба да бидат врзани на поводник, во придружба на нивните сопственици, а исто така и дека трошоците за заловување и третман на регистрирани и нерегистрирани кучиња се на товар на сопствениците на кучиња, рече Пекевски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *