Жбогар верува дека Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во Грција

Евроамбасадорот Самуел Жбогар се надева на позитивен исход и ратификација на Договорот од Преспа од страна на Атина. Верува дека грчкиот премиер ќе го доведе Договорот до крај.

Во интервју за телевизија „Телма“, евроамбасадорот оценува дека Договорот од Преспа е поттик за целиот регион и пример за Европа дека доколку постои вистинско лидерство, тогаш постои решение за секој проблем.

– За да се реши проблемот кој постоеше и кој траеше толку многу години, потребна Ви е голема одлучност, многу посветеност, потребно Ви е лидерство. И тоа лидерство го видовме и на двете страни кога се потпиша Договорот минатата година. Затоа верувам дека грчкиот премиер ќе го доведе Договорот до крај, како што и беше случајот тука. Договорот од Преспа е вин-вин ситуација за толку многу работи. Прво, го решава проблемот  меѓу двете земји. Го претвора вашиот сосед во партнер и пријател. Го отвора патот кон евроатлантските интеграции за вашата земја. Поттик е за целиот регион дека проблемите може да се решаваат, но исто така и лекција за Европа дека постои решение за секој проблем, акоимате вистинско лидерство, вели Жбогар.

Во однос на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека постои надворешен притисок за зачленувањето на Македонија во НАТО, евроамбасадорот Жбогар вели дека единствениот притисок што го видел бил притисокот од граѓаните дека по толку многу години сакаат да чекорат напред.

– Јас го видов притисокот како доаѓа одвнатре, дека конечно се прават промени, дека се помрднувате поблиску до ЕУ, иако бевте закочени со овој проблем. Јас таму го видов проблемот, одвнатре. Ние обезбедивме само охрабрување до лидерите од двете страни да одат напред, обидувајќи се да најдат решение. Решението беше пронајдено единствено меѓу двајцата премиери со помош на медијаторот од ОН, истакна Жбогар.

Вели дека мора да се продолжи со реформите и до јуни кога министрите за ЕУ ќе одлучуваат, да се покаже дека се направени реформи и дека има промени.

Во однос на Законот за амнестија, кој беше донесен при крајот на минатата година, Жбогар оцени дека во државата постоела една голема поларизација која не е добра и оти оттука ја гледа иницијатвата за помирување, вкучувајќи ја и амнестијата за делата од 27 април како обид општеството да се обедини околу стратешките цели кои претстојат.

Во врска со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, евроамбасадорот смета дека не треба да се брза со заклучоци кој е одговорен и оти треба да се причека да заврши истрагата, а дури потоа да се види чија е одговорноста.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *