Симон Трпчески во Белград приреди вистински празник на македонската традиционална музика

Пијанистот со светско реноме Симон Трпчески со својот емотивен проект „Македонисимо” , во Белград приреди вистински празник на македонската традиционална музика.

Во преполната сала на престижниот „Коларац“ со„ Македонисимо“ во изведба на Симон Трпчески, гледачите имаа ретка можност да уживаат, преку виртуелната обработка на најубавите македонски традиционални мелодии, главно од играчки карактер, кои специјално за  петчлениот камерен состав ги обработи композиторот Панде Шахов.

„Многу ми е мило што сум во Белград, кој е еден голем центар, со голема традиција и гледачите ќе можат да чујат музика којашто ја познава и сака и ние ќе им приредиме една многу убава вечер“, изјави Трпчески во пресрет на концертот во Белград

И навистина белградската публика уживаше и ја откриваше обработката на Панде Шахов на традиционалните македонски мелодии, кои од класична варијанта, умешно се испреплетуваа во џез и во традиционална музика, според што и сплетот на народните игри во „Македонисимо“ е наречен „Плетенка“.

„Во овој проект, кој има за цел, меѓу другото, презентација на македонската музичка традиција, на песните и игри не се пристапува на „академски” начин. Како композитор, сакав да го ставам оригиналниот материјал во мојот сопствен звуковен свет, кој е подеднакво под влијание на импресионистичкиот третман на звукот и џез хармонијата. Затоа, конечниот резултат не е автентичен во етномузиолошка смисла, ниту, пак, е композиторска стилска вежба”, го објасни концептот на „Македонисимо“ композиторот Панде Шахов, кој дададе дека идејата за овој проект потекнува од Симон Трпчески и неговата страст кон традиционалната музика која беше движечка сила за време на целиот период на осмислувањето.

Невозможниот спој на сето ова, покрај маестралниот Трпчески на пијано, го овозможија и Александар Краповски на виолина, Хидан Мамудов на дувачки инструменти, Александар Сомов на виолончело и перкусионистот Влатко Нушев, сите специјално за овој концерт дојдени во Белград, од европските концертни сали.

По настапите на најголемите концертни сцени низ цела Европа, Симон Трпчески со концертот во Белград, кој беше во организација на Центарот на белградските фестивали (ЦЕБЕФ), првпат го промовираше проектот „Македонисимо“ на Балканот.
На крај, споделуваме линк од кратко видео каде може да погледнете и чуете дел од изведбата на македонските слпетови и изненадувањето од српски ора во обработка на Шахов : Македонисимо во Белград