Во Прилеп традиционален божикен ручек за 500 деца од цела Македонија

Детската амбасада за сите деца во светот по 13-ти пат на Божик, 7. јануари го организира Божикниот ручек за околу 500 деца од цела Македонија, беше соопштено на денешната прес-конференција во Прилеп.

Според Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на Детската амбасада за сите деца во светот со седиште во Прилеп, на традиционалниот Божикен ручек ќе присуствуваат деца од повеќе градови, а со пригодна програма ќе се збогати свечениот настан.

– Околу 500 деца од повеќе градови од земјава, деца без родители, деца на загинатите бранители, деца со пособни потреби ќе се дружат на свечен Божикен ручек и ќе го слават Христовото раѓање. На таа заедничка трпеза ќе седнат деца од различни целни групи, како и истакнати деца – членови на Детската амбасада. Децата се од Прилеп, од Скопје, Штип, Тетово, Крушево, Демир Капија, Струмица и од другите градови ширум државава. Под заедничкото мото „Едно небо за сите деца“ на оваа Божикна трпеза имаме покането и деца од другите верски заедници: од исламската, католичката, еврејската и евангелско-методистичката, кои заедно ќе се дружат и ќе празнуваат, рече Северкоска Стојаноски.

Божикниот ручек ќе го благослови митрополитот Петар, а децата ќе добијат и новогодишни пакетчиња од прилепскиот градоначални. Традиционално, и овој пат Детската амбасада за сите деца во светот ќе додели признани за општествена одговорност. Така, орденот носител на мирот ова година ќе го добие генералниот директор на АД „Алкалоид“ од Скопје, Живко Мукаетов.

За збогатување на свеченоста ќе се погрижат членовите од прилепското танцово студио „Зодијак“, потоа Марија Костоска и Христијан Тодороски.

Божикниот ручек е на 7. јануари напладне во прилепскиот хотел „Кристал Палас“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *