Последната година од вториот мандат на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, меѓу другото, ќе ја обележи непотпишувањето на Законот за употреба на јазиците и на указот за ратификација на договорот со Грција, како и потпишувањето на Законот за амнестија за обвинетите во настаните во Собранието на РМ од 27 април 2017 година.
Со Законот за употреба на јазиците, Република Македонија, според Иванов, ќе стане можеби единствената европска држава што сама си поставува услови за членство во Унијата што никој не ги бара.
Смета дека со овој закон се воведува многу скап паралелизам во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност.
-Наместо во духот на дијалогот, вклученоста и соживотот да градиме мултиетничко општество преку праведни и општоприфатени закони, ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик, вели петседателот Иванов во обраќањето до јавноста.
Непотпишувањето, пак, на указот за ратификација на договорот со Грција, Иванов го оправдува со тоа дека договорот е штетен и за него е недостоинствен и неприфатлив.
-Со него се кршат Уставот, законите и се рушат државните институции. Нема да легализирам политички дивоградби, посочи Иванов во обраќањето до јавноста.
Оценува дека текстот на договорот е поразителен за Република Македонија и со него не се предвидува само промена на уставното име, туку промена на Преамбулата, како и на сите членови од Уставот каде што се споменува името и термините произлезени од името Македонија.
Иванов смета дека со ваков договор не се јакне македонскиот идентитет, туку се деградираат веќе стекнатите права што ги имаме во Обединетите нации.
Европската Унија и НАТО, според македонскиот претседател, не смеат да бидат алиби за лош договор што ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Републикам Македонија.
– Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и да потпишам ваков штетен текст на договор, истакнува Иванов.
Претседателот Иванов овој месец стави потпис на Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година, откако македонското Собрание на 18 декември по скратена постапка со 95 гласа „за“, без против и воздржани го донесе.
Во согласност со Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.
Иванов го отфрли посочувањето на кабинетот на претседателот на Република Македонија за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РМ за наводно сценарио за воена и вонредна состојба.
-Сценарио за воена и вонредна состојба немало, освен ако во Република Македонија не функционирал паралелен врховен командант на вооружените сили и паралелен генералштаб на Армијата на Република Македонија, рече Иванов во обраќањето до граѓаните.
Вистинското прашање, како што вели Иванов, е кому во тие моменти му одело во прилог да го злоупотреби кабинетот на претседателот и да креира лажна перцепција за прогласување воена или вонредна состојба.
-Се вршат притисоци и закани кон мене, со цел да потклекнам и да отстапам од моите ставови во врска со политичките случувања во Република Македонија и политиките што ги спроведува актуелната влада. Којзнае по кој пат повторувам дека нема да отстапам од моите ставови, посочува Иванов.
Меѓународни и домашни активности на претседателот Иванов
Шефот на македонската држава од почетокот на годинава престојуваше во официјална посета на Турција, Бугарија, Молдавија, Чешката Република и на Јордан, а во официјална посета на Република Македонија беа претседателот на Бугарија, Румен Радев, на Албанија, Илир Мета, и на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ.
Претседателот Иванов првпат беше домаќин на регионалната иницијатива Процесот Брдо-Бриони што се одржа на 27 април 2018 година во Скопје. На состанокот учествуваа седум претседатели од регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора), претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, како и премиерот на Бугарија.
Во рамки на меѓународните активности македонскиот претседател на 27 септември годинава се обрати на 73. сесија на генералната дебата во Генералното собрание на Обединетите нации.
Годинава претседателот Иванов учествуваше и на 6. Глобален Баку-форум – Низами Ѓанџави во Азербејџан, на Евроазиски форум – Мармара и на 9. Босфор-самит во Истанбул воТурција.
Тој имаше обраќање и на манифестацијата по повод „Денови на светите браќа Кирил и Методиј“ во Техерова, Словачка, на конференцијата по повод 100-годишнината од крајот на Првата светска војна, како и на 24. Конференција за климатски промени на OН, што се одржа во Полска. Годинава Иванов присуствуваше и на инаугурацијата на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган.
Во однос на меѓународните признанија добиени во 2018 година, Иванов во февруари во Истанбул ја доби наградата „Најдобар светски лидер кој инвестира во нова генерација“, доделена од Светскиот форум на бизнис-ангели, по повод прогласувањето на „Школата за млади лидери” за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година.
Во мај годинава на македонскиот претседател му беше доделено признанието почесен докторат од страна на престижниот Универзитетот „Џумхуријет” во Сивас, Турција, а на 23 септември во Детроит, САД, му беше доделена наградата „Глобален државник“ од Обединетата македонска дијаспора во знак на благодарност за темелната одбрана на името на Македонија и визионерската „Школа за млади лидери“.
Во рамки на своите уставни надлежности, претседателот Иванов во април годинава го предложи Димитар Богов за гувернер на Народна банка. Откако Собранието не го поддржа Богов, тој ја предложи Анита Ангеловска-Бежоска, која по нејзиното изгласување во Собранието, беше именувана за нов гувернер на Народната банка.
Шефот на македонската држава во 2018 година за нови судии на Уставниот суд на РМ ги предложи Дарко Костадиновски и Осман Кадриу.
Согласно Уставот и законите годинава Иванов постави осум нови амбасадори на Република Македонија во странство и ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори за Република Македонија од Египет, Канада, Данска, Луксембург, Косово, Бугарија, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Кралството Саудиска Арабија, Руската Федерација, Австралија, Република Полска и Хашемитското Кралство Јордан.
Иванов со указ го назначи генерал-мајор Васко Ѓурчиновски за нов началник на Генералштабот на Република Македонија и бригадниот генерал Методи Хаџи-Јанев за нов аѓутант на претседателот на Република Македонија.
На домашен план, во рамки на традиционалните покровителства, претседателот Иванов ги врачи инженерските прстени за најдобрите студенти од техничките факултети, беше покровител на доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски“, по 9-ти пат го додели признанието „Најдобар млад научник“, беше покровител на признанието „Македонски квалитет“, на манифестацијата „Охридско лето“, на манифестацијата „Илинденски коњички марш“, на манифестацијата „Златно славејче“, на Охридскиот пливачки маратон, на 12. Македонска национална извидничка смотра…
Понатамошно охрабрување на позитивните достигнувања во сите области со доделување признанија, медали, ордени на поединци, здруженија и институции имаше значајно место и во агендата на претседателот Иванов и оваа година. Иванов додели два ордени за воени заслуги (на 1. Механизиран пешадиски баталјон при АРМ и на Баталјонот за врски при АРМ) и два медали за заслуги за Македонија (на Хајнц Брандл и Јован Павлески). Повелба на Република Македонија им беше доделена на Сојузот на извидници на Македонија и на здружението „Илинденски марш 1973“.
Според шефот на македонската држава, развојот на граѓанскиот сектор има исклучителна важност за развојот на демократските вредности на една земја, поради што и годинава тој им даде поддршка и покровителства на проекти, а одржа и многу средби со претставници на граѓанските организации.
Редовна практика на Иванов и годинава беше посетата на различни спортски манифестации во насока на поддршка на националниот спорт, како и приеми на сите спортисти со позначајни спортски успеси.
Како традиционален покровител на Охридскиот пливачки маратон, Иванов и годинава имаше можност да им ги врачи победничките пехари на најбрзите маратонци Франческо Четини и Барбара Поцобоне, и двајцата од Италија.
Во 2018 година МПЦ прославуваше голем јубилеј – 1.000 години Охридска архиепископија, која кулминира со свечената академија што се одржа во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид.
И во 2018 година стотици ученици од училиштата од цела Македонија, како и дечиња од градинки, имаа можност да ги посетат „Вила Водно“ и кабинетот на претседателот Иванов и да се запознаат со неговите активности и секојдневните обврски. Овие посети беа во рамките на церемонија на промена на државното знаме, која се одвива еднаш месечно. Од воспоставувањето на церемонијата на промена на знамето досега учествувале 2.112 деца.
Последно годишно обраќање на Иванов во Парламентот
Претседателот Иванов во последното традиционалното годишно обраќање пред пратениците во македонското Собрание, побара од парламентарното мнозинство да смогне сили и да го отфрли Договорот од Преспа.
Тој, го цитираше првиот претседател Киро Глигоров, кој кажал дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, Влада, партија, па дури и од државата, и дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет, а наша цел треба да биде да ја градиме Република Македонија како држава што ќе трае и ќе не надживее и нас, и нашите деца,
-Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам, рече Иванов.
Иванов се осврна и на Законот за употреба на јазиците, кој не го потпиша, а за кој повтори дека е противуставен, усвоен во Собранието вон секоја процедура и надвор од надлежните тела, дека ќе предизвика целосна блокада на институциите. Изразувајќи почит кон албанскиот, турскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот и бошњачкиот народ, тој нагласи дека македонскиот јазик е комуникациски код и кохезивен фактор што ги поврзува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општеството.
Шефот на државата во своето последно годишно обраќање кажа и за гаранциите за премиерот Зоран Заев.
-Нема ден а некој да не ме праша зошто ги прифатив, а уште повеќе зошто не ги активирав гаранциите на Заев за да му го дадам мандатот. Мојот одговор е дека со неговиот потпис на тие писмени гаранции јас ставив вето на Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на спогодбата од Преспа. Со тоа, гаранциите се активирани. А активирани се бидејќи сме соочени со апсурд, порача претседател Иванов од собраниската говорница.