Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за радиото „Њуз247“, уште еднаш повтори дека во грчкиот Парламент постои мнозинство за ратификација на Договорот од Преспа и објасни дека неколку дена по гласањето, ќе се ратификува и протоколот за влез на Македонија во НАТО, јави дописничката на МИА од Атина.
– Целта на Владата, но и парламентарните корелации онака како што се формирани во овој момент покажуваат дека Договорот од Преспа ќе се ратификува со над 151 глас, како што е и потребно, истакна портпаролот на грчката Влада и министер без ресор.
Ѕанакопулос ги демантира шпекулациите и сценаријата дека протоколот за членство на Македонија во НАТО би се ратификувал по изборите во Грција, коментирајќи дека „тие информации немаат никаква врска со реалноста“.
– Протоколот ќе се ратификува по неколку дена од моментот кога Договорот од Преспа ќе дојде за ратификација во Парламентот, штом ќе биде изгласан токму со апсолутно мнозинство пратеници, а очигледно е дека тоа е целта на Владата. Самиот премиер во разговор со новинарите разјасни дека сето она што се споменува за веројатно префрлање на гласањето на протоколот за влез во НАТО по изборите е апсолутна глупост, рече Ѕанакопулос.
Тој изрази надеж дека најмалку четири пратеници на Река, меѓу кои и лидерот на партијата, ќе гласаат за ратификација на договорот.
Во однос на веројатноста Нова демократија да поднесе предлог за гласање недоверба на Владата, Ѕанакопулос коментираше дека таквата иницијатива е добредојдена.
-Очекуваме господинот Мицотакис да го повтори потегот што го направи лани во јуни за да го добие истиот одговор, рече Ѕанакопулос во интервјуто за радиото и објасни дека и со евентуалното повлекување на Независни Грци од коалицијата, во никој случај нема да има недоверба за Владата од Парламентот.
Fantastic perspective! I found myself nodding along. For additional info, click here: LEARN MORE. What’s everyone’s take?