Иванов побара парламентарното мнозинство да смогне сили да ја отфрли Преспанската спогодба

Претседателот на државата Ѓорге Иванов денеска во традиционалното годишно обраќање пред пратениците во македонското Собрание, побара од парламентрарното мнозинство да смогне сили и да го отфрли Договорот од Преспа.

-Се уште се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сила и ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот, рече претседателот Иванов од говорницата во македонското собрание, во обраќањето на кое присуствуваа премиерот Зоран Заев, спикерот Талат Џафери, министри во Влдата, претставници на судската власт, на АРМ, на верските заедници и дипломатскиот кор.

Тој, го цитираше првиот претседател Киро Глигоров, кој кажал дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, Влада, партија, па дури и од државата, и дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет, а наша цел треба да биде да ја градиме Република Македонија како држава што ќе трае и ќе не надживее и нас, и нашите деца,

Говорејќи за иднината на држава порача дека треба да се ослободиме од омразата и реваншизмот, и да се свртиме кон помирувањето, но како што рече она автентичното без задни намери, без скриени агенди, а до кое се стигнува преку вистината и одговорноста.

-Преку вистината и одговорноста што води до помирување, ќе имаме праведно општество во кое меѓусебното почитување одново ќе биде наша врвна вредност. Во кое власта и опозицијата наместо како заколнати непријатели ќе се доживуваат како достојни противници и партнери за доброто на граѓаните што ги избрале.  Држава во која ќе имаме култура на почитување на Уставот и законите. Општество во кое младите ќе имаат реална надеж за исполнет живот и перспектива. Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам, рече претседателот Иванов.

Според него, донесена со изговор дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, Преспанската спогодба всушност и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме.

– Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија, рече Иванов.

За референдумот на 30 септември, оцени дека со негласање, тивкото мнозинство, донело гласна одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот,  а “мнозинството во ова Собрание не само што не ја почитува, туку оди спротивно на волјата на народот“,

-Република Македонија е нашиот заеднички дом. Вие наумивте да го реконструирате со тоа што ќе ги отстраните неговите носечки столбови и ќе ги поткопате неговите темели. Носечките столбови се Уставот и законите. Темелите се клучните државотворни документи на АСНОМ. Каде е свеста дека со тоа се ризикува да имаме дом со раскопани темели и со разнишани столбови? Зарем таков дом ќе им оставиме на нашите деца и внуци?“, праша Иванов пред пратениците.

Тој гледа можност за натамошен развој на односите со Грција во враќање кон автентичните и ненаметнати мерки на градење на доверба кои, според него, почнале да даваат резултати, како и преку обновување на националниот консензус во Република Македонија, а опциите за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување.

Иванов се осврна и на Законот за употреба на јазиците, кој не го потпиша, а за кој повтори дека е противуставен, усвоен во Собранието вон секоја процедура и надвор од надлежните тела, дека ќе предизвика целосна блокада на институциите.  Изразувајќи почит кон албанскиот, турскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот и бошњачкиот народ,тој нагласи дека македонскиот јазик е комуникациски код и кохезивен фактор што ги поврзува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општеството.

-Македонскиот јазик е lingua franca благодарение на кој меѓу себе се разбираат припадниците на различните заедници. Тоа е дел од нашиот општествен договор. Нашата сила е во нашата различност, а нашата различност е гарантирана со нашето единство. Израз на тоа единство е македонскиот јазик. Доколку противуставниот закон за употреба на јазиците стапи на сила, тогаш Македонскиот веќе нема да биде lingua franca што ќе го обединува македонското општество“, рече претседателот Иванов во годишното обраќање пред пратениците, рече Иванов.

Во говорот во кој во неколку навати беше прекинуван од негодувањата на пратениците од мнозинството, претседателот на државата говореше и за улогата на УБК, како вели, жариште на политички, институционални и безбедносни кризи, кое наместо да ги спроведува законите, работи надвор од својот законски мандат. Оваа, како што оцени, машинерија за делегитимирање на институциите на државата, е еден од главните инструменти за вршење уцена, а рече, и тој и неговото семејство биле следени од неа.

-Сакам да ја запознам целата македонска јавност за една многу важна работа. Постојано ми стигнуваат информации дека врз основа на усна наредба, и повторувам, усна наредба, се врши следење, снимање и прислушкување на претседателот на државата, на членовите на неговото семејство и членовите на неговиот кабинет. А тоа е само индикатор дека се менуваат системи, називи, влади, министри и директори но, по се изгледа дека УДБА си останува УДБА со удбашки методи, рече претседателот Иванов.

Во однос на евроатланстките интеграции, Иванов истакна дека како претседател постојано се залага за тие цели, но нагласи, но, мора, вели, да дадеме решение за клучните структурни проблеми во Република Македонија, наместо да одлагаме и да чекаме тие сами да се решат кога ќе влеземе во ЕУ и НАТО, посочувајќи на реформите.

– Членството во Европската Унија и НАТО го сплотува целото наше општество, бидејќи за македонските граѓани НАТО значи безбедност, а ЕУ значи просперитет. И македонските граѓани два пати ме избраа да работам на остварување на таа цел. Го правам сето она што е во моја надлежност. Како врховен командант на вооружените сили посветувам големо внимание на Армијата на Република Македонија преку која ние практично сме во НАТО, рече Иванов.

Шефот на државата во своето последно годишно обраќање кажа и за гаранциите за премиерот Заев.

-Нема ден а некој да не ме праша зошто ги прифатив, а уште повеќе зошто не ги активирав гаранциите на Заев за да му го дадам мандатот. Мојот одговор е дека со неговиот потпис на тие писмени гаранции јас ставив вето на законот за употреба на јазиците и законот за ратификација на спогодбата од Преспа. Со тоа, гаранциите се активирани. А активирани се бидејќи сме соочени со апсурд, порача претседател Иванов од собраниската говорница.

Тој посочи дека според последните истражувања, мнозинството млади сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока и дека тоа не треба да никого да изненадува, бидејќи, како што рече станавме држава во која се започнува наопаку.

-Прво се побара поддршка од граѓаните на избори, а дури потоа им се соопшти дека всушност гласале за Тиранска платформа и грчка спогодба. Прво се донесе закон за употреба на јазиците, а дури потоа се најави дека ќе се побарало мислење од Венецијанската комисија. Прво се апсеа пратеници, а дури потоа им се симнуваше пратеничкиот имунитет. Прво се прифати спогодба за името, а дури потоа бев информиран како Претседател на државата. Прво се донесе таа штетна грчка спогодба, а дури потоа граѓаните беа прашани на референдум“, нагласи Иванов, дополнувајќи и дека власта прво се согласила на промена на Уставот, а потоа изнудува 2/3 мнозинство, и тоа преку уцена на пратеници, рече меѓу другото Иванов, во говорот кој беше поздравен со аплаузи од опозицјата во парламентот.