Петерле: Добро е сите политички лидери да делат иста европска амбиција

Словенечкиот европратеник и претседател на делегацијата на ЕП за Македонија, Алојз Петерле во разговор за МРТ се осврнува на актуелната ситуација во Македонија, со порака до македонските политички лидери да делат иста европска амбиција и оти посакува македонската политика да демонстрира единство за патот на Македонија кон ЕУ.

Словенечкиот европратеник и копретседател на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ, што треба наскоро да одржи состанок, вели оти се надева дека ќе се исполнат сите услови за негово одржување.

Во однос на политичката ситуација во земјава, Петерле вели дека има извесна стабилизација на истата, но тешко е да се каже дали Македонија е сосема излезена од кризата. – Многу нешта се променија, надежта е дека Македонија ќе тргне наред и оти отворените проблеми ќе започнат да се решаваат, вели Петерле.

На прашањето дали сето ова ќе придонесе Македонија да тргне побрзо во процесите на евроинтеграциите, Петерле оценува дека тоа зависи од самата држава, со каква динамика ќе напредува.

– Во ЕУ, секогаш сме весели кога земјата кандидат напредува со амбиција. Ваква амбиција гледаме, сега чекаме политичката волја да се изрази во конкретни реформи и да се преземе она што ја отвора иднината во европска насока, истакна Петерле.

Според универзитетска студија на професори од универзитети Сен Гален во Швајцарија и во Есекс, Англија, се предвидува Македонија да биде единствената земја-кандидат подготвена за членство во ЕУ околу 2023 година, без притоа да бидат земени предвид политичките прашања, како што е прашање за името.

– Македонија пред десет години веќе беше најдобро подготвена од земјите-кандидати. Не сакам да зборувам многу за датуми, па и кога се работеше за Словенија, јас секогаш велев – кога ќе биде подготвена Словенија, потребно е да биде подготвена и ЕУ. И посакувам тоа и на Македонија. Во таа смисла Македонија се натпреварува самата со себе, а што се однесува со прашањето за името од повеќе различни политичари и професионалци, слушнав сигнали кои го зајакнуваат оптимизмот дека атмосферата ќе се подобри и дека работите ќе тргнат по друг пат. Значи не сум единствен кој се надева дека по првите чекори сепак ќе дојде до решение што ќе и помогне на Македонија, рече тој.

На идејата за средба на македонските политички партии со претставници на Европскиот парламент и ЕУ во близината на Париз, во куќата на Жан Моне, словенечкиот европратеник нагласи дека тоа е можност политичарите да се приближат и сретнат со практиката и со идетите од самиот почеток на Унијата.

– Таму можат да се споделат повеќе работи со колегите политичари. Мислам дека тоа е еден правец, една компонента од процесот и добро е македонските политичари да видат во таа понуда нешто добро и оти е прифатено, рече Петерле.

За пораката која би сакал да ја испрати до своите пријатели и политичките партии и нивните лидери во Македонија, Петерле вели дека таа е иста како и порано.

– Мојата порака е би рекол секогаш иста – добро е да сите политички сили во Македонија делат иста европска амбиција. Се сеќавам како беше во Словенија и во некои други земји, прашањето за ЕУ нас не не подели, имавме координација која добро функционираше, во неа се занимававме со сите поважни прашања и тоа беше добро. Би посакал македонската политика да демонстрира единство за патот на Македонија кон ЕУ, рече Петерле.

Првично состанокот на мешовитиот парламентарен комитет Македонија – ЕУ, беше предвиден за време на декемвриската сесија во Стразбур, но со цел тој подобро да се подготви засега не е утврден нов датум, но се очекува тоа да биде наскоро.