Тевдовски: Повисок раст, поголеми плати и враќање на претходните долгови

Собраниската расправа по Предлог-буџетот за 2018 година почна денеска во матичната Комисија за финансирање и буџет. Владата, како што образложи министерот за финансии Драган Тевдовски, најавува трошење на народните пари на вистински мерки кои ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните, а не, како што рече, на расипништво и непотребни проекти.

– Во Предлог-буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за клучните столбови на општеството: повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски, истакна Тевдовски.

Тој додаде дека Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството како повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО.

Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2018 година се планираат на ниво од 193,5 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 211,7 милијарди денари или 3,4 милијарди евра. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 18,2 милијарди денари во апсолутен износ, односно 2,7 отсто од БДП.

Ова, вели Тевдовски, претставува намалување на дефицитот од 2,9 отсто во 2017 година, што најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи, со истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија, како и средства за повисоко ниво на социјална правда.

Според Тевдовски, овој пристап во крајна линија ќе обезбеди подобрување на економските перформанси и на животниот стандард, како и  потврда за домаќинско и одговорно работење, а не расипништво со народните пари како што беше пракса во минатото.

– Проекциите за приходите на Буџетот за 2018 година се базираат на реализацијата на приходите во тековната 2017, на очекувањата за економските остварувања во идната година, како и на ефектите од корекција на одредени јавни давачки. Притоа, проектираниот раст на буџетските приходи од 4,7 отсто е помал од растот на номиналниот БДП од 5,3 проценти, што е уште еден доказ дека макроекономските и фискалните проекции во Предлог-буџетот се реалистични. Поточно, со овој релативно конзервативен пристап во проекциите сакаме да избегнеме повторување на некои минати проблеми со ликвидноста на плаќањата од трезорот во иднина, како и остварување на повисок дефицит од планираниот, истакна министерот за финансии.

Даночните приходи за 2018 година се планирани во износ од 114,8 милијарди денари, вклучувајќи го и очекуваниот ефект кај приходите од акцизи од околу 1,6 милијарди денари и на приходите од ДДВ за околу 350 милиони денари по овој основ.

Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 55,4 милијарди денари, со задржување на постојните задолжителни стапки за социјално осигурување и зголемување на максималната основица за пресметување и уплата на придонесите од 12 на 16 просечни плати за примања од работен однос и извршни одбори, односно од осум на 12 просечни плати за самовработените.

Вкупните расходи во Буџетот за 2018 година, планирани во износ од 211,7 милијарди денари, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија и интензивирање на инфраструктурните проекти, како и делумно враќање на стари наталожени долгови.

Тековните расходи за 2018 година се планирани во износ од 187,1 милијарди денари, наменети за редовно финанасирање на платите на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии и социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, засилена поддршка на малите и средните претпријатија, како и субвенционирање на иновативните активности.

За капиталните инвестиции е издвоен значителен износ на финансиски средства во насока на поддршка на економскиот развој, утврдени на ниво од 24,6 милијарди денари, односно повисоки за 5,3 отсто од 2017 година. Во 2018 година планирано е интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за довршување на автопатот на Коридор 10 и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Планирани се 3,5 милијарди денари за капитални расходи за патната и железничка инфраструктура. Во енергетската и комунална инфраструктура 5,8 милијарди денари. За уредување на технолошко индустриските развојни зони 431 милиони денари. За здравствениот сектор 1,9 милијарда денари, за образование, детска заштита и спортот 2,4 милијарди денари, за поддршка на земјоделскиот сектор 2,6 милијарди денари, 544 милиони денари за правосудството…

Минситерот посочи дека во 2018 година ќе бидат поребни 22,7 милијарди денари за оптплата на стари долгови со што вкупните потреби за финансирање во 2018 година изнесуваат 40,9 милијарди денари. Овие потреби за финансирање ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Задолжувањето во странство, рече министерот, може да се реализира преку издавање Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал или преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти. Притоа, изборот на конкретен извор за надворешно финансирање ќе се темели на тековните и очекуваните состојби на меѓународните пазари на капитал.

Со задолжување на домашен пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги релативно ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите на домашниот пазар за државни хартиии од вредност.

Тевдовски истакна дека со цел оптимизација на исплатите и намалување на ризикот за рефинансирање, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност преку издавање државни обврзници со подолги рочности. Покрај ова, се предвидува и зголемено акумулирање на депозити на буџетската сметка со цел редовно и навремено финансирање на обврските кои доспеваат на среден рок.

– Сумарно, нето-задолжувањето, односно разликата меѓу ново задолжување и отплати на стари долгови во 2018 година изнесува 29,9 милијарди денари од кои 5,5 милијарди денари нето домашно задолжување и 24,4 милијарди денари нето надворешно задолжување. Со ова, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 18,2 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 11,6 милијарди денари како депозит, рече министерот.

Тој додаде дека моментот на акумулирање на депозити на сметка е особено важен и укажува на водење на одговорна фискална политика, која гледа подалеку отколку само краткиот рок. Поточно, појасни, државата треба да биде подготвена за враќање на исклучително големите кредити кои беа земени претходно, а кои треба да се вратат наредните години. Во 2020 и 2021 година ќе имаме за враќање околу 925 милиони евра само по основ на три големи претходни задолжувања еврообврзница од 270 милиони евра издадена во 2015 година, еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година, и втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра, плус други отплати на долгови на домашен и странски пазар.

Тевдовски посочи дека за наредната година проекцијата за реалниот економскиот раст  изнесува 3,2 отсто, што е во согласност со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции  како Светска банка, ММФ и НБРМ, односно претставува, како што рече, уште еден доказ за реалистичноста на претпоставки во Буџетот. Номиналниот раст на БДП во 2018 година е проектиран на 5,3 проценти.

Расправата во Комисијата за финансирање и буџет по Предлог-буџетот за 2018 година трае 10 работни денови. Министерто за финансии оценувајќи дека ова е еден од позначајните акти ги повика пратениците на одговорен и сериозен пристап кон овој процес и развивање дискусија која ќе биде базирана на аргументи и меѓусебно почитување.

Расправата по Предлог-буџетот ќе продолжи по еден час пауза која ја побара пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за да добие материјал од образложението на минситерот за финансии Драган Тевдовски. 

One thought on “Тевдовски: Повисок раст, поголеми плати и враќање на претходните долгови

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *