Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 45-та седница, на чиј дневен ред се повеќе точки од интерес на граѓаните, меѓу кои и барањето за субвенционирање на проектите бесплатни викенди за превоз во железничкиот сообраќај, што го предлага Македонски железници Транспорт АД – Скопје.
На денешната седница на Владата, на предлог на Министерство за правда ќе бидат разгледани предлог-закони за изменување и дополнување на повеќе законски решенија од овласта на правосудниот систем, како законите за судовите, за извршување на санкциите, за јавнообвинителска служба, за кривична постапка, за јавното обвинителство и за Народниот правобранител.
Министрите ќе расправаат и по измените и дополнувањата на Законот за внатрешни работи, и за полиција, но и по Предлог – законот за следење на комуникациите, како и Предлог – законот за Оперативно-техничка агенција.
На дневен ред на оваа седница ќе биде и Предлог – закон за изменување и дополнувања на Законот за електронските комуникации, и Предлог – законот за дополнување на Законот за класифицирани информации.
Како предлог на Министерство за труд и социјална политика, на денешната седница ќе се најде и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, но и предлог законите за измени на Законот за инспекцијата на труд, на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, и на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Владата ќе ја разгледа и Предлог-одлуката за усвојување на Годишната програма за работа на ЈРП Македонска радио телевизија за 2018 година и Предлог-одлука за одобрување на Финансиски план за 2018 година на Македонската радио телевизија.
На предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство, на оваа седница на Владата ќе биде презентирана и Информација за потребите за микрочипирање (идентификација) на домашните миленици и нивно регистрирање во информацискиот систем на Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија.