Чамба: Ќе работиме заедно со ЕК за Македонија да почне со процесот на преговори

Проширувањето на Европската унија ќе биде на агендата на романското претседателство со Советот на Европа што треба да го преземеме за неколку дена, а ќе се фокусираме на Македонија и регионот на Западен Балкан, порача романскиот министер-делегиран за европски прашања Џорџе Чамба по средбата со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во Скопје.

Тој ги поздрави и ги охрабри напорите на Владата и Собранието за ратификација на Преспанскиот договор и додаде дека романското претседателство ќе се залага за кохезија и заеднички европски вредности, а проширувањето го оцени како една од најуспешните политики на ЕУ за кое, како што кажа Романија има многу што да каже и сака да ги сподели своите искуства.

-Преспанскиот договор е еден позитивен пример за Европа и многу зборува за нејзината моќ, но и за вредноста на македонската Влада и за соседите што се обидуваат да ги решат споровите и да се изнајде заедничко решение. Токму еден од првите резултати на романското претседателство ќе биде решавањето на еден од географски гледано најстарите проблеми и прашања. Ќе работиме заедно со Комисијата за да се најдат најдобрите тактички чекори за Македонија да ја постигне својата стратешка цел, а тоа е да почне со  процесот на преговори. За време на претседателството ќе се понудиме да делуваме како брокер во ваше име за да се турне позитивната агенда за проширување со Западен Балкан, изјави Чамба.

Романскиот министер ги поздрави и чекорите што ги прави земјава кон НАТО и додаде дека стабилизацијата на регионот е важен чекор, а Алијансата и ЕУ, потенцира, се важни за целиот регион да излезе од сферата на политички влијанија. Ја охрабри Владата да продолжи со реформските чекори и додаде дека реформите за влез во ЕУ не се само за зголемување на економијата, туку за целосна модернизација на општествата.

Вицепремиерот Османи рече дека му е драго што земја од регионот, наш поддржувач, која има сопствени интереси регионот да биде дел од Европската унија ќе претседава  со Советот на ЕУ во, како што рече, еден историски важен моментум кога очекуваме формално да се дефинира  датумот за почеток на преговори за Македонија.

-Романија е долгогодишен пријател и поддржувач на евроатлантските аспирации на Република Македонија и доаѓањето на министерот Чамба денеска, овде во пресрет на преземањето на Претседателството  со ЕУ, значи уште една порака плус дека агендата на проширување со Западниот Балкан и прогресот на Македонија кон Унијата ќе биде високо на приоритетите на романското претседателство во наредните шест месеци, рече Османи по средбата.

Нагласи дека го запознал романскиот министер со прогресот во имплементацијата на Договорот од Преспа и оти се поминуваат последните денови од имплементирањето на историскиот договор.

– Го информирав дека завршуваме една историска година во која за само една година  усеавме да ги решиме сите политички прашања кои што ги имаше државата со соседите. Го  информирав и за реформскиот план, Планот 18 кој е континуитет на позитивната реформска динамика што ја наметна Планот 3-6-9, кој е важен моментум во оценката на подготвеноста на државата за формално да се донесе одлуката за започнување на преговори која очекуваме да биде во рамки на Романското претседателство, идниот јуни, рече Османи и додаде дека зборувале и за скринингот што го почна земјава и за подготовките на преговарачките структури за започнување на преговорите во 2019 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *