Второ Генерално собрание на СЕПКА во рамки на претседавањето на Македонија

Претставници на полициските служби од сите земји од регионот учествуваат на второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полициски служби на Југоисточна Европа – СЕПКА во рамки на претседавањето на Република Македонија со оваа асоцијација, што се одржа изминатите два дена во Клубот на пратеници.

Како што информира денеска МВР, ова е втор настан на високо ниво организиран во рамки на претседавањето на Бирото за јавна безбедност на Република Македонија со оваа асоцијација.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски во своето обраќање пред присутните шефови на полиции од регионот изразил задоволство од посветеноста во однос на одржувањето на постоењето и функционирањето на оваа асоцијација. Упатил благодарност до партнерите од австриското Министерство за внатрешни работи и на Мисијата на ОБСЕ во Скопје со чија поддршка ја спроведуваат оваа конференција.

– Сите сме повеќе од свесни дека организираниот криминал не познава граници, во постојано движење е, а обезбедувањето на сигурна и безбедна средина за живеење за нашите граѓани може да се реализира единствено преку постојано зајакнување на заедничката оперативна соработка и побрза и поефикасна размена на информации на билатерално и мултилатерално ниво.  Сузбивањето на најголемото зло – тероризмот и транснационалниот криминал, кои претствуваат глобален предизвик во целиот свет побарува сериозен пристап, меѓуинституционална соработка и соработка помеѓу полициите не само од земјите од регионот, туку и пошироко, нагласил Тасевски. Најавил дека добрите пракси од меѓусебна полициска соработка на полициски службеници од региониот од  изминатите години продолжува и понатаму.

Во рамки на постапувањата на Бирото за јавна безбедност и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, како што се наведува во соопштението, во целина – меѓународната полициска соработка е од исклучителна важност при идентификување, профилирање и сузбивање на криминални групи и мрежи кои делуваат на меѓународно ниво.

Тасевски потенцирал дека меѓународната полициска соработка која е веќе воспоставена и која успешно се применува би требало да продолжи и во иднина поради остварување на заедничката цел – ефикасна борба во сузбивање на организираните криминални групи и тероризмот. Тасевски дал поддршка за спроведување на натамошни активности во рамки на Асоцијацијата во кои Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и натаму останува координатор во нивното спроведување.

Ова беше второ и последно Генерално собрание на СЕПКА одржано во рамки на претседавањето на Република Македонија со асоцијацијата во 2018 година. Следен претседавач е Молдавија.