Македонија и Романија ќе потпишат меморандум за соработка во областа на дијаспората

Министерот задолжен за дијаспора на Македонија Едмонд Адеми, кој престојува во тридневна официјална посета на Романија, денеска се сретна со министерката за Романците во странство Наталиа Елена Интотеро со која разговарале за воспоставување соработка меѓу двете држави во областа на дијаспората и размена на искуства меѓу експертски групи со добри практики во оваа област во земјите од регионот и Европската унија.

Министерката Интотеро информирала дека на 18 март годинава, за време на претседавањето на Романија со Советот на ЕУ, како дел од нејзините приоритетни активности ќе се организира состанок на министрите за дијаспора од земјите на ЕУ и од Западен Балкан, со цел севкупна анализа и размена на искуства поединечно од секоја земја. Предложена е и иницијатива за потпишување меморандум за соработка меѓу владите на Република Македонија и Романија во областа на дијаспората, соопшти Кабинетот на министерот Адеми.

Адеми ги претставил преземените активностите на Владата на РМ околу дијаспората на нашата земја во светот, пред се, во зачувувањето на идентитетот, јазикот, културата, традицијата и нивните можности за инвестирање во Македонија. Во рамки на соработката меѓу двете земји во областа на дијаспората било договорено во наредниот период да се одржат средби на експертско ниво меѓу двете земји.

При престојот во Букурешт, министерот Адеми остварил средби и со други асоцијации на Македонци и Албанци по потекло од Македонија, како и со Здружението на студенти од Република Македонија, кои студираат во Рoманија.